Иредентизмот како стапица

1532

Во преговорите за името, што се во тек а можеби и во ќорсокак, Грција преку нивниот претседател  Прокопис Павлопулос упорно се повикуваат на наводно „македонски иредентизам„ од кој  требало да се заштитат преку решавање на прашањето со името. Во таа насока, е последната негова изјава, цитираме:

„ Прво да го сменат нивниот Устав, а потоа, кога ќе стигнеме до каков било договор, во овој договор ќе има име кое нема да зрачи иредентизам. И кога велиме иредентизам мислиме на три работи: не може во никој случај ова име да подразбира промена на границите. Второ, не може ова име да упатува на етничка припадност вон границите на ПЈРМ. И трето, не може ова име да упатува на јазик надвор од границите, што би предизвикало малцински права и во оваа област. Овие три работи се факт…„ Порано тој исто така изјави: „Името  може да се реши само кога нема да зрачи  иредентизам, бидејќи иредентизмот е спротивен на меѓународното право и европското законодавство… и се потребни уставни промени, отстранување на иредентистички позиции, а потоа решение на проблемот и евро – атлантска интеграција.

„ Всушност грчкиот  претседател е окупиран со иредентизмот преку кој сака да ги протурка сите максимални  барања на Грција во преговорите за името!

Се очекува првата драфт верзија на Спогодбата од министерот Коsијас, напишана на 20 страници, во која најверојатно ќе бидат дадени максималните барања на Грција, која треба да биде основа за преговорите. Многу не усреќи министерот кога кажа дека Спогодбата не било „земи или остави„, но дека нашата страна можела да дава приговори и забелешки. Е па тоа да ти било големи отстапки од нивна страна, како и фактот дека во името (на пример, Горнамакедонија или сл.) ќе се содржел терминот Македонија (секако со мали букви и споен во еден збор!). Нели Грците преку протестите се против име кое ќе го содржи терминот Македонија, а  тие „прават храбар компромис„ со другата страна само и само да се најде решение…

Заев изјави дека се очекува  Спогодбата да помогне во преговорите, но може и воопшто да не се разгледува и може да не биде предмет на разговорите. Спогодбата во никој случај не може да помогне, останува да не се разгледува и да не биде предмет на преговорите. Џабе трудот на министерот Коsијас, но човекот сака да помогне! Доколку Грците инсистираат на Спогодбата како основа за преговорите,   во таков случај и ние да им опнеме на Грците една наша Спогодба во која на кратко ќе кажеме дека прифаќаме име со географска одредница за да се направи дистанца по меѓу Република Македонија и делот од Македонија што и’ припаѓа на Грција, без да се разговара за прашања за националниот и јазичен идентитет и промена на Уставот. И нашата Спогодба нема да биде по принципот „земи или  остави„ и тие ќе имаат право да дават забелешки! Се враќаме на почетокот…

Каде е медијаторот Метју  Нимиц? Тој како претставник на ОН е потполно заборавен и изолиран од процесот на преговорите! Па како тоа се случи? Тој дојде со сет предлози за името што беа изложени на двете страни, почнаа преговорите со многу опуштеност, љубезност, насмевки на премиерите и министрите за надворешни работи од двете страни, па потоа Грците не’ надмудрија предлагајќи некоја нивна Спогодба како основа за преговорите. Всушност тие преговорите ги вратија на почетокот пред 25 години кога бевме примени во ОН под референцата ПЈРМ. Како воопшто да не сме преговарале, како воопшто да не постои посредниик и медијатор на ОН кој треба да го води процесот на преговорите, едноставно Грците умешно ја „доведоа водата на нивната воденица„! Итри Грци, нема што… не викаше за џабе еден мој пријател од Штип кој работи текстил со Грците, дека „Грк не е националност, тоа е професија„!

Пак да се вратиме на „македонскиот иредентизам„ кој за Грците претставува „голем проблем„! Грците се повикуваат на нашиот наводен иредентизам за да издејствуваат промена на Уставот преку што ќе се постигне употреба на договореното име и за внатрешна употреба, нивното „ерга омнес„, иако и тие и ние и целиот свет знае дека реално дека една мала Република Македонија не претставува никаква опасност на до заби наоружана Грција.!  Но „македонскиот иредентизам„ мора да остане во игра во преговорите за да ги добијат сите нивни максимални барања, нели кога е во прашање опасноста за нив од  македонска страна, нема таа сила што ќе ги спречи да си ја заштитат државата! Па тоа е уставна обврска на секоја држава, па така и на Грција, па кога е во прашање „опстанокот„ на државата Грција нема компромис… Воедно преку така наречениот „македонски иредентизам„  Грците едноставно сакат пред светот да го оправдаат фактот што во општо се водат преговори за еден ирационален спор, наметнат од нивниот балкански примитивизам и од  тоа „што им се може„…

Излез? Спрема мене нема да има успешен завршеток на преговорите за името, доколку остане прашањето да го решаваме само ние со Грција, без посредство и медијаторство на меѓународната заедница. Додека не се вмеша меѓународната заедница во решавање на прашањето со името нема да има решение. Ние со Грците илјада години да преговараме, проблемот нема да го решиме. Можеби најдобро е под покровителство на Америка да ги затворат делегациите на Македонија и Грција, премиерите и министрите за надворешни работи на двете страни,  да речеме во некој замок (како што беше во Дејтон или Рамбуе) се’ додека  не се најде решение. Сигурно дека ваквиот начин на преговори нема да се случи, но секако постојат и други начини меѓународната заедница да помогне во решавање на спорот што одговара на времето кога се решава спорот; втора декада на 21-иот век! Да се надеваме дека ова ќе се случи!

На крајот се поставува прашањето зошто  Грците го измислија „македонскиот иредентизам„ како алатка за добивање на сите нивни барања? Одговорот е едноставен –  за да го прикријат пред светот заземање на македонски територии во 1912 – 1913 година и се’ она што се случуваше после тоа со присилната асимилација на Македонците во Егејскиот дел на Македонија, тие го измислија таканаречен „македонски иредентизам„! Тој не постои ни ним им е потребен!

И така, Грците си ja ишкаат мувата  од капата… Итри Грци…

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...