ИНТЕРВЈУ Глигорова: Постои огромен интерес за стипендиите „Борис Трајковски“ во „Нова“

153

„Нова“ и фондацијата „Борис Трајковски“ отворија конкурс за стипендии за 4-годишно школување во гимназијата „Нова“ кој е наменет за деветооделенци.

Меѓународното училиште „Нова“ и фондацијата „Борис Трајковски“ го отворија конкурсот за стипендии за четиригодишно школување во гимназијата „Нова“ кој е наменет за деветооделенци од цела земја со одличен успех од петто до деветто одделение. Ќе бидат доделени три целосни стипендии, но учениците кои ќе влезат во вториот круг ќе може да аплицираат и за делумна финансиска помош со која ќе бидат покриени до 50 отсто од школарината.

Сите заинтересирани до 22 февруари треба да ја пополнат електронската апликација која може да се најде на веб-страницата на „Нова“www.nova.edu.mk За стипендиите, за тоа како оваа програма се развивала низ годините разговаравме со Бела Глигорова која е одговорна за насочување и советување на учениците во гимназијата „Нова“ за тоа каде да го продолжат својот пат по матурирањето.

Меѓународното училиште „Нова“ во соработка со фондацијата „Борис Трајковски“ по 14. пат доделува стипендии за школување во гимназијата „Нова“. Како овој проект растеше и се развиваше низ годините?

Стипендијата се додели за прв пат во 2005 година. Самиот конкурс произлезе од заедничките цели на фондацијата „Борис Трајковски“ и нашето училиште, тогашната гимназија „Нова“, имено искрената желба за поттикнување на автентичниот лидерски потенцијал кај младите, проследна со целосна посветеност кон академскиот успех. Низ годините, во соработка со фондацијата, но и со самите стипендисти, гледавме да учиме од процесот, со цел да ја подобриме структурата, во однос на самата апликација, но и дијагностиката по математика и англиски јазик. Така што, пред два циклуса, во 2016, го воведовме и вториот круг, посветен на критичкото и нумеричкото резонирање, а оваа година (2018) се фокусираме на колаборативниот и креативен потенцијал на финалистите кои ќе влезат во вториот круг. На кратко, и самите учиме и растеме низ овој процес.

Колкав е интересот за оваа стипендија? Во просек по колку ученици се пријавуваат на конкурсот и дали се заинтересирани ученици од цела Македонија? 

Година низ година, интересот расте. Бројките на пријавените се во корелација со бројот на деветоодделенци (некогашни осмооодделенци) во рамките на државниот систем. Најмногу нè радува дека кандидатите доаѓаат од сите делови на Македонија. Во оваа прилика би сакале да им се заблагодариме на наставниците по англиски јазик, кои ревносно ја споделуваат информацијата за конкурсот со своите заинтересирани ученици, но и педагозите и директорите на основните училишта низ општините, кои овозможуваат да ги посетиме училиштата и да им се обратиме на учениците.

Покрај добри познавања на англискиот јазик и математика, што сè останато е потребно за еден деветооделенец да ја добие стипендијата?

Автентичност. Имено, желбата да се аплицира, да се изоди процесот, да се стане наш стипендист, да се биде успешен ученик и добар другар, треба да биде вистински отсонувана од страна на самиот ученик-кандидат. Доколку е туѓа, односно, на родителите, средината, постарите браќа и сестри, самиот процес ќе се чини тежок и нејасен. Би сакале да ги охрабриме сите деветоодделенци кои имаат искрена желба да станат наши ученици, без разлика на висината на семејниот буџет, и кои сакаат да учат во меѓународен контекст, додека истовремено активно придонесуваат кон својата локална заедница, преку самостојни и заеднички проекти, да се пријават.

Како се имаат покажано досегашните добитници на стипендијата? Дали се имаат запишано на престижни факултети надвор од Македонија или во земјава, генерално, каде продолжуваат по матурирањето?

Генерално, стипендистите храбро ги следат своите академски соништа, без разлика на географската локација на нивните додипломски студии. Точно, голем дел заминаа и заминуваат на студии надвор од Македонија (САД, Канада, Англија, Германија, Холандија), но исто така дел беа и се успешни студенти во нашата земја. Она што е важно да се забележи, односно она на кое работиме низ годините со сите наши ученици, е кариерното насочување. Гимназиските денови се токму тие мигови кога се трасираат патеките за понатаму, така што преку часовите за советување, градење на резиме на автентични интереси проследени преку воншколските активности, паралелно со наставата по меѓународен терк и стандарди, нашите ученици се стекнуваат со јасна слика за она што се надеваат да го изучуваат понатаму, односно, како да му пристапат и да го одомаќат.

Според вас, што гимназијата „Нова“ ќе им понуди на учениците кои ќе ги добијат стипендиите?

Отворен пристап во наставата, можност да се учи во согласност со меѓународни стандарди и програми, поттик да се вградат во локалната заедница на која и припаѓаат низ веродостојни и одржливи проекти, и многу прилики да се „пробаат“ на сопствените грешки и рефлектираат за наученото и сработеното.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...