Дури и без оглед на неверојатно понизен однос на нашите уметници кон некоја/секоја власт, па и власта на неуките, па и на оној провинцијалнион сексистички „поет“ кој си бара заштита од граѓанска одговорност во зборот уметност/уметник, тие – вистинските уметници – се неодминлива категорија во стандардизацијата на секоја култура. Ако кажете дека нема култура без уметници, нема да кажете ништо ново, се разбира. Во секоја култура, па и „најмалата“, уметниците се битен, ако не и најбитен, сегмент. Нема култура без уметност, односно без уметници и ниту една современа култура не се сведува само на нејзиниот однос кон минатото (наречен заштита на културното наследство, или можеби поинаку).
Некои велат дека современите уметници всушност се тие кои (го) создаваат некое идно културно наследство. И, нормално, дури и да е само заради тоа, тие би имале/имаат исклучително важно место во современите култури. Не сме сигурни, немаме податоци дали, на пример, Михајло и Евтихиј уживале таков третман во нивното време, на овие простори. Или мајсторот од Курбиново. Ама знаеме дека еден Буонароти – без оглед колку тежок карактер имал – уште за животот бил препознаен како непроценлива вредност. И еден да Винчи, се разбира, и многумина други. За тоа впрочем постојат (историски) податоци. И така треба да биде!
Самопрогласени уметници
Ако, пак, во нивно време, Михајло и Евтихиј, Буонароти и да Винчи биле реткост, може ли да се каже дека поради тоа било лесно препознаени како исклучителна вредност, па следствено и третирани? Можеби, иако тоа би била прилично натегната теза, но со мала доза на вистина: помала конкуренција – полесно препознавање. Но затоа, тоа не може да се каже за еден Пикасо, на пример, или Ван Гог, Сезан, Гоген, па дури ни за еден Банкси, ако сакате. Нивните творечки патишта биле многу потрнливи. Нормално, за ова има цела редица причини, но мислам дека е битно да се каже дека крајот на 19 и почетокот на 20 век бележи исклучителен подем на уметноста, незапаметен пораст на бројот на уметници, етаблирање на пазарот на уметнички дела, појава на галеристите и колекционерите како „диктатори“ на вредностите итн., што ќе рече цела низа фактори, примарни или секундарни, сеедно, кои влијаеле на процесот на препознавање на квалитетот кај одделни уметници. И на поимот уметност, секако.
Така впрочем е и денес, со таа разлика што бројот на уметниците пораснал со геометриска прогресија. Но, за волја на вистината, сериозните општества се престројуваат во од, па така и стандардите/механизмите за „препознавање“ на уметникот од (условно) шалабајзерот, дури и независно од сите (сè уште присутни) но денес веќе секундарни фактори од типот на галеристи, колекционери, пазар итн.
Поточно, и денес (односно повеќе децении на ред) превладуваат експертските мислења и стручните институции (Danto, „Artworld“) со доминантни ставови за тоа што е уметност, дали некој е уметник или не. И тоа, се разбира е единствено логично, зашто кој друг би можел да каже дали нешто е уметност освен познавачите/проучувачите на современата уметност? Односно, ако имате здравствен проблем, не одите белки кај тревар? Или ако не ви работи компјутерот сигурно не викате автомеханичар? Уште помалку – политичар!?
Арно ама, ние (сѐ уште) го правиме токму тоа: кај нас секоја будала може да истрча на терен и да каже дека е уметник, дури и неразбран, или дека тој/таа знае што е уметност со самиот факт што го научил(а) односно умее да го изговори зборот. И ништо не правиме – или правиме малку, несоодветно, непрактично – да го смениме тоа. Затоа кај нас секој, и буквално секој, може да се самопрогласи за уметник, а државава, таква каква што е, тоа да го земе здраво за готово и да му брои милиони, да му доделува одредени бенефиции, дури и за цел живот. Па и да му додели национална пензија, национални награди, што ли не.
Канта за ѓубре
Зошто е тоа така? Мислам дека никој не знае, нема поим. Како, впрочем, и за многу други нејасни нешта кај нас. А сепак, основниот проблем е што и со тоа прашање кај нас се занимаваат неуките – меѓу другите и политичарите, особено оние од националистичкото милје – кои мислат дека и уметноста е партиска работа и дека и таму поминува таа логика. А особено – дека трае, односно дека еднаш прогласениот партиски уметник тоа останува засекогаш! Впрочем, уште стариот лош Хитлер го имал истиот проблем, ама овие новиве уште полоши хитлерчиња никако не дошле до таа лекција. Тие мислеа дека (и) уметноста е канта за ѓубре каде што буташ што и како ќе стигнеш и ќе посакаш. Како впрочем и патриотизмот, идентитетот, државноста…
Кога сега им ги гледате списоците кому сè му доделувале таков статус, кого сè промовирале во национален уметник или го наградувале со национални награди, да ви одмили животот. Три четвртини можете слободно, без двоумење, веднаш да ги фрлите во вистинска канта за ѓубре, а за едната четвртина евентуално да промислувате и проценувате!
Или, всушност, не знаете чиј проблем е поголем: на политиката – онаа лошата, се разбира, која сака сѐ да контролира, или на „уметниците“ кои се задоволуваат дури и со тоа да бидат „крстени“ од шарлатани и политиканти, од незнајковци и криминалци? А комбинацијата од двете, онаква каква што ние ја имавме во изминатана деценија, е – убиствена! Впрочем, погледнете го Скопје и неговото централно градско подрачје и сѐ ви е веднаш јасно. Или, ако сакате, видете ја најновата вмронска „стратегија“ за конкурирање за сите директорски места во културата. На пример: за Фестивалот „Браќа Манаки“! Тоа е таа тврдокорна глупост, дури опсесивност, која ги влече луѓето во амбисот на инструментализацијата.