Иницијатива: Антикорупциска да биде по избор на граѓаните, а не на партиите

352

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата (Платформата) бара воспоставување професионално тело за антикорупција кое ефективно, независно и со висок интегритет ќе иницира и ќе ги спроведува законските надлежности и политиките за спречување на корупцијата во Република Македонија.

Платформата повикува на промена на актуелниот модел за избор на членовите на  Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) кој ќе се базира на компетентност и интегритет, без партиски влијанија, преку јавен распит на кандидатите во Собранието на РМ.

„Бараме претставници на граѓанското општество активно да учествуваат во распитот и да влијаат на одлуката за избор на членовите на ДКСК. Исто така бараме како приоритет да се поведе постапка за преиспитување на моделот на институција за борба против корупцијата, и формирање на институција која ќе ги задоволи меѓународните стандарди за независност, ефикасност и неселективност во работењето“, се вели во барањето.

За Платформата е неприфатливо членовите на ДКСК да бидат предмет на меѓупартиски преговори, со што би продолжила досегашната практика на лојалност кон политиката на власт, наместо нејзина активна контрола и почитување на законите.

„Во изминатите три години Платформата во континуитет укажува на неефикасната борба против корупцијата, на назадување на земјата по однос сите индекси за корумпираност, владеење на правото и ефикасност на институциите за справување со корупцијата и криминалот.

Голема одговорност носат последните состави на членови на ДКСК во врска со констатираната неактивност, нетранспаретност и селективност при извршување на својата функција, што се должи на нивната некомпетентност и недостаток на личен и професионален интегритет. Граѓаните немаат доверба во ДКСК, поради што е неопходно да се воспостави ефикасен систем за граѓанска контрола над работата на ова тело“, велат иницијаторите.

Во изминатите десет години ДКСК наместо да се занимава со корупцијата на високо ниво, помеѓу носителите на политички функции, своите активности ги насочуваше кон одредени случаи на „ниска“ корупција на администрација, се додава во образложението на иницијативата за но состав на антикорупциската комисија.

„ Наместо да ги испитува центрите на моќ кои ја заробија државата, ДКСК кон крајот на 2016 г. поттикната од лидерот на политичката партија на власт, побара од Јавното обвинителство, Управата за јавни приходи (УЈП) и Управата за финансиско разузнавање врз 21 здружение и фондација да вршат долготрајни детални контроли на финансиско-материјалното работење. Оваа активност претставена како контрола на наводно незаконско работење всушност претставуваше притисок над оние кои ја остваруваат својата улога на коректив на власта.

Наодите за неосновано трошење на буџетски средства во ДКСК откриени при ревизијата од страна на УЈП, на површина исфрлија само дел од негативните состојби, кои веќе подолго време се присутни во ова тело. Поради тоа сметаме дека поднесените оставки не смеат да бидат „доволни“ и бараме истрага и утврдување на постоење на основи за одговорност за незаконито работење, корупција, тргување со влијание и злоупотреба на службената должност“, се вели во реакцијата.

Платформата го упатува ова барање до Собранието, како надлежен орган за избор на членовите на ДКСК, до Владата и до политичките партии со цел сите засегнати страни соодветно да размислат и во овие клучни моменти на утврдување на правецот и одлучноста за развој на демократијата во државата да предложат  решение кое ќе понуди бескомпромисно справување со корупцијата како распространета форма на криминал и фактор за назадување во евроинтеграциските процеси и економскиот развој на земјата. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...