Не е лесно да се комуницира со средина која на староста и на смртта гледа како на индивидуална несреќа, а не како на универзална судбина. Сепак, одбивам да ја следам нашата традиција и да ламентирам над смртта на професор Милан Нетков. Сакам само да кажам неколку зборови за некои од точките во во времето, во кои се вкрстија неговијот со мојот живот.
Застанат зад мене, со поглед врз она што го пишувам, младиот професор по управно процесно право на Правниот факултет во Скопје, Милан Нетков, ми вели дека доволно сум напишал на неговиот колкоквиум, а јас, како и секој студент, убеден дека повеќе е подобро, велам само уште малку. Тоа лето, 1968 година,повторни се видовме во паузата на Меѓународниот семинар на професори и студенти кој традиционално се одржуваше во Дубровник. Инцидентот кој, по претходен договор, го приредивме ние студентите од повеќе европски земји, беше демонстративното напуштање на конференциската сала во моментот кога ректорот на парискиот универзитет „Сорбона“, стапна на подиумот. Причина? Фактот дека тој, ректорот Жан Рош, ја повика полицијата да ги растера студентите од универзитетските холови, кршејќи ја така автономијата на универзитетот. Со професорот разговаравме токму за тоа. Доста им се додворуваш на студентите, му вели неговиот пријател, кој не знаеше дека тука немаше никакво додворување. Искрата на бунтот која младиот професор ја носеше во себе, ја препознаваше во нас студентите. Истата таа искра ја препознававме и ние во него, и толку. По некоја чудна коинциденција, професорот Нетков замина во очи педесетгодишнината на мајските студенски протести во Париз, ширум светот и во Скопје.
Во пролетта на нашата демократија (1968 – 1971), онаа која што се случуваше во рамките на еднопартискиот систем на Југославија, мојот професор беше главен уредник на списанието „Погледи“, единственото од таков вид во Македонија. На негов поттик го напишав и првиот текст, посветен на Исак Дојчер, автор на познатата биографија на Сталин и критичар на сталинизмот. Професорот беше решен да ги отвори страниците на партиското и државно списание за нешто друго, за нешто што е производ на домашната слободна мисла. Ние, се разбира, не бевме сосема сигурни што е тоа, но, на ригидната марксистичка догма на сталинизмот гледавме како и на самиот Сталин легнат во саркофагот во мавзолејот на Црвениот плоштад. Гледавме како на нешто што беше мртво и препарирано, наспроти животот кој течеше околу нас со сета своја, па и идеолошка, разноликост. Зашто, љубопитноста, таа прекрасна човекова особина која отвора нови хоризонти на знаење, беше уште една искра која што ја споделувавме со професорот Нетков.
Но, после 1971 настапи зимата на македонската и југословенската политика. Се сеќавам дека ништо толку не го корумпира поведението на професорите на Правниот факултет во Скопје, како хајката против таканаречените либерали, чиј истакнат член беше професорот Милан Нетков. Либералите, всушност, беа само една група луѓе во Сојузот на комунистите, организација каде што се одвиваше целокупниот политички живот на земјата, кои имаа поинаква, полиберална визија за политичкиот живот на Југославија. Либералите од сите републики на федерацијата беа инспирација и надеж за нас, надеж за поголема слобода. Борба за власт? Па, секако, но, и борба за идеи. Имено, со својата мисла либералите ја пробиваа корупката на догматизмот на владеачката идеологија, сеејќи го семето на идните човекови слободи. Од денешна перспектива гледано, некој ќе рече дека е тоа малку, но гледано од аспект на времето во кое живеевме таквото поведение ви го одредуваше целиот натамошен тек на животот. Во една автократска средина, во која отсекогаш било најважно „да си со власта“, ова значеше голема лична жртва. Навистина, професорот Нетков не беше истеран од факултетот, како што тоа му се случи на неговиот пријател, секретарот на партијата Славко Милосавлевски, но, после партиската казна, „пред исклучување“, најде засолниште во економската катедра. На мое големо жалење, нешто што не му го кажав на професорот во годините што се редеа, зашто еден потенцијален талент беше присилно пренасочен во мирните води на „самоуправно-здружениот труд“.Тоа беше цената која мораше да се плати. Но, искрата на слободата и на бунтот која во себе ја носеше професорот, исто како и искрата на љубопитноста, никогаш не згасна. До самиот свој крај, Милан Нетков беше и остана човек достоен за почит. Затоа што беше човек со достоинство.