Отворените прашања во грчката надворешна политика, односно спорот за името, грчко – турските односи и кипарското прашање, се дел од агендата на грчкиот премиер на средбите и активностите што ќе ги има во Брисел за време на Самитот на ЕУ.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, Алексис Ципрас, ќе се осврне на позициите на Грција за европската перспектива на Западен Балкан и за преговорите на Атина со Скопје и Тирана.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, грчкиот премиер за спорот со името ќе разговара и на неговите средби со европските лидери.
„За време на Самитот, господинот Ципрас се очекува да има контакти со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, со германската канцеларка Ангела Меркел, со претседателот на Франција Емануел Макрон и со премиерката на Велик Британија, Тереза Меј, со кои ќе разговара за Турција, Кипар и за името на ПЈРМ“, пишува грчката новинска агенција, пренесе МИА.