Џихадистичката група Исламска држава (ИД) презеде одговорност за денешниот самоубиствен бомбашки напад во главниот град на Авганистан, Кабул, при што, според последните податоци, загинаа најмалку 29 лица, а 52 други се ранети.
„Маченичката операција извршена со елек со експлозив, беше насочена против шиитите собрани на прославата на нивниот празник Невруз во Кабул“, се наведува во соопштението на ИД.
Како што претходно соопшти авганистанското Министерството за внатрешни работи, нападот се случил во близина на шиитското светилиште во западниот дел на Кабул.
Нападот е извршен додека поголема група шиитски верници го чествувале празникот Невруз, со кој се одбележува почетокот на персиската Нова година.