Иако се труди, Македонија нема да пропадне!

Постои еден огромен геополитички притисок, еден скован мастер план, кој предвидува балканските буре-држави да опстанат, во процесот на долгорочна пацификација и стабилизација на регионот и негово приближување кон Западот. Затоа нема да пропаднеме, колку и да сме шупливи.

6067

Навистина, ќе пропадне ли државата“ ако Албанците ќе можеле на суд, пред обвинител, цариник, матичар и пред нотар да општат на албански јазик? Прашува мојот ФБ пријател Бесим Небиу. Нема да пропадне државата, му велам, ако од зборот држава ги тргнеш наводниците.

Тврдам дека имплементацијата на Законот за употреба на јазиците нема да биде оној пресуден тест за тоа дали нашата држава ќе опстане или ќе пропадне. А апсолутно сум убеден дека нема да пропадне, ниту битно ќе се промени. Иако дури и дел од нашата „интелектуала“, од различни мотиви и позиции, веќе подолго време заговара „пропаѓање“ на Македонија. А таа, пустата, иако се труди, никако да пропадне.

Ќе ви објаснам зошто. Пред тоа, една мала загатка – што мислите, што е помоќно, сом од двесте килограми, или празно пластично буре, кое тежи одвај пет или десет килограми?

Тиквешките рибари (рибокрадци), многу добро го знаат одговорот одговорот на ова прашање – бурето е помоќно. Да, да, бурето. Со него тие го ловат и лесно го совладуваат сомот. На бурето врзуваат цврсто јаже и јадица со мамец и го оставаат да плута по површината на езерото. Кога сомот ќе ги лапне мамецот и јадицата, инстинктивно нурка кон дното и потоа долго, долго се „бори“ со бурето. На крајот, нашата слатководна „ајкула“ се преморува и се предава. На рибарите им преостанува само да го приберат во чамецот. Сомот, всушност, се бори со огромната сила на потисокот на водата во длабочините.

Затоа тој нема ни теоретска шанса да го совлада бурето. Силите кои сакаат нашите балкански буре-држави да ги однесат на дното, во смртоносната мил – национализмот, омразата, насилството – се налик на сомовите. Тие не знаат или го превидуваат фактот дека постои еден огромен геополитички притисок, еден скован мастер план, кој предвидува балканските буре-држави да опстанат, во процесот на долгорочна пацификација и стабилизација на регионот и негово приближување кон Западот.

Таа сила, тој план, нѐ одржува во живот сите нас, шупливи и глупави ко буриња, но потенцијално опасни ако некој се сети и успее да нѐ наполни со барут. Видено во историјата, нели. И во поновата, на преодот меѓу двата милениума.

А Законот за јазиците – несовршен, неприменлив во неколку битни одредби и донесен на прилично грд начин (за што, сепак, не е пресудно виновен СДСМ) – нема моќ да ни ја распадне државата. Волјата на парламентарното мнозинство е преточена во закон, а имплементацијата ќе трае и чекор по чекор, ќе ги отстранува слабостите во неговите одредби.

Жал ми само што попатно, додека трае тој процес, многу сјајни и прославени маски ќе паднат од грдите лица и што ќе се изнаслушаме и изначитаме ламентации полни со омраза. Но, дури и тоа е дел од животот. Не оној живот што ни беше ветен. Зборувам за реалниот живот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...