И Крафтверк свиреа, и сите задоволни

Со концертот на германските пионери на електронската музика синоќа почна 20.издание на Таксират фестивалот, а почетокот беше одличен – Крафтверк свиреа фантастично и не ја изневерија скопската публика

943

Синоќа, со настапот на живите легенди на светската музичка сцена КРАФТВЕРК, кои настапија пред околу 6000 посетители во арената „Борис Трајковски“ започна 20.издание на фестивалот „Таксират“.

Германските пионери на електронската музика одржаа беспрекорен концерт кој звучеше и изгледаше фасцинантно, со неверојатно прецизни и јасни звучни пејсажи кои цели два часа ја исполнуваа концертната арена. Концертот почна точно во 20 и 30 часот, а имавме можност да ги чуеме култните хитови од сите албуми во нивната кариера, како Computer World, Computer Love, Das Model, Neon Lights, Autobahn, Radioactivity, Tour De France, Trans Europe Express, Boing Boom Tschak и други.

Изведбата на секоја песна беше надополнета со 3-Д анимации и видеа кои се прикажуваа на големиот, 12 метри широк, видео екран поставен зад бендот. Од овој визуелен дел од шоуто најголем восхит кај публиката предизвика видео-проекцијата за време на песната „Space Lab“ во која беше прикажана и снимка од вселенски брод со бендот кој слета пред арената „Борис Трајковски“ во Скопје и секако песната „The Robots“, кога на сцената наместо членовите на бендот, како и на првиот концерт на Крафтверк во Скопје, ги гледавме славните Kraftwerk „роботи“.

Ова беше едно од најдобрите концертни шоуа кои сме ги виделе досега, па сите присутни имаа можност да бидат дел од овој музички исклучително несекојдневен настан кај нас, кој ќе се памети и раскажува уште многу долго.

Инаку, по концертот на Крафтверк, на дведеценискиот јубилеј на Таксират во Скопје нѐ очекуваат уште многу концертни гостувања на значајни имиња од светската сцена, кои ќе се одвиваат во текот на целата година.

Следен таков во низата настани со кои Таксират слави 20 години алтернатива во Македонија, е концертот на Лајбах, на 27.март во Младинскиот Културен Центар во Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...