Храна за сиромашните граѓани со „ОброкЗаСите“

130

Сите заинтересирани микро, мали и средни компании, како и граѓански организации можат да се пријават на јавниот повик на Фондот за иновации и технолошки развој и Министерството за труд и социјална политика „ОброкЗаСите“ кои со финансиски средства ќе помогнат да се реализираат најиновативните решенија за обезбедување храна за сиромашните граѓани, понудени на повикот.

– „ОброкЗаСите“ цели кон изнаоѓање на иновативно, системско и одржливо решение за обезбедување на храна за лица и семејства со реална потреба од поддршка на заедницата. Со решението ќе се овозможи вишокот храна од производителите на храна, дистрибутерите, трговците, угостителските објекти и домаќинствата што би сакале да бидат дел од оваа платформа, ефикасно да биде распределена и доставена до одредени места каде социјално загрозени граѓани имаат пристап – рече на денешната прес-конференција Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

Тој додаде дека решението треба да претставува модел на взаемна интеракција на сите учесници во системот.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска смета дека развојот на социјалното претприемништво треба да придонесе за развој на солидарноста во општеството и кохезија помеѓу повеќе групи кои живеат во социален ризик.

– Овој повик треба да овозможи да се најде иновативно решение за да се обезбеди храна на сите. Да осмислиме систем што ќе значи собирање на вишоците храна кои остануваат и во моментов завршуваат на отпадите и да се насочат кон оние граѓани за кои оваа храна значи многу бидејжи живеат во сиромаштија – рече Царовска.

Јавниот повик е отворен од денеска до 21 мај. Тој се однесува на сите микро, мали и средни претпријатија и граѓански организации што работат во доменот на социјалното претприемништво или имаат намера својата дејност да ја прошират на ова поле.

Вкупниот буџет за овој повик е два милиони денари. Директорот на Фондот Деспотовски информираше дека ќе се финансираат 90 проценти од вредноста на проектот, а 10 проценти ќе треба да покрие самиот апликант.

Од Фондот ги повикуваат и сите веќе постоечки иницијативи да се пријават и вклучат во јавниот повик, со цел, како што посочуваат, заеднички да се зајакне социјалната кохезија и да се генерираме општествена вредност.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...