Уставниот суд и утре нема да ја разгледува граѓанската иницијатива за Деталниот урбанистички план за Тафталиџе 1, иако помина повеќе од еден мeсец, откако судиите донесoa решение за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на ДУП – от за Градска четврт „3 06“.
Иницијативата до Уставен суд ја поднесоа граѓани кои доследно и упорно се залагаат за зачувување на животната средина, која е под закана на уништување од бетонските зданија скроени по желби и нарачки на бизнисмени, а испорачани дирекно кај поранешниот и осомничен министер за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Станува збор за ДУП – от донесен пред две години пред празникот Бадник во време на поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски, во отсуство на опозиските советници и зад грбот на граѓаните.
Уставните судии утре ќе разгледуваат иницијатива која се однесува на член од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, потоа одлука од Советот на општината Валандово за распишување на референдум на локално ниво. На дневен ред на утрешната седница е предмет кој се однесува на заштитата на слободата и правата, но не и иницијативата на граѓаните од општината Карпош.
Претходно за Плусинфо, граѓани од Тафталиџе изразија уверување дека Уставниот суд ќе донесе правилна и праведна одлука. А, сега, со оглед на тоа што оваа иницијатива се уште собира прав како предмет на чекање, карпошани чии барања се заглавени во општината поради постапката во Уставен суд го повикуваат претседателот на судот да не денгуби со тактизирање.
Од Уставниот суд во мината недела ни рекоа дека предметот се наоѓа во втора фаза, и секако дека ќе биде ставен на дневен ред пред уставните судии на некоја од наредните седници, не прецизирајќи одреден датум.
Градоначалникот Стефан Богоев вели дека Општината за да може да им обезбеди информација на граѓаните, уште пред повеќе од две недели доставила официјално барање до Уставен суд со надеж дека ќе добијат одговор во која фаза е предметот.
– И јас и граѓаните се прашуваме каде е закочена работата – вели градоначалникот Богоев и нагласува дека во застој се и постапките и барањата на граѓаните кои чекаат одобрение за градење, а кои се поврзани со ДУП – от кој е пред уставните судии.
Кога Уставниот суд реши да поведе постапка образложи дека Општина Карпош, при изготвувањето на деталниот урбанистички план, не почитувала уставни и законски одредби. Направен бил пропуст во постапката за донесување на наведениот ДУП, вели Уставниот суд, така што Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животната средина и формуларот не биле објавени на веб-страната на Општина Карпош, што била обврска предвидена со Законот за животната средина.
-Со необјавувањето на Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животната средина, на подносителите им било оневозможено правото на жалба по таа одлука кое им припаѓало според член 65 став 11 од Законот за животната средина. Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја поништи – се вели во образложението на Уставниот суд.