Градоначалникот на Куманово се сретна со српската амбасадорка

150

Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски денеска се сретна со амбасадорката на Република Србија, Душанка Дивјак Томиќ. На средбата станало збор за повеќе теми и реализација на конкретни проекти од повеќе области, пред се од културата и економијата.

– Во тек е организација на заедничка седница на владите на Македонија и Србија која треба да се одржи во Ниш. Куманово во иднина ќе аплицира пред Владата на Македонија, да биде составен дел од ваква организација, а да се одржи во општина Куманово – изјави по средбата Димитриевски.

Тој ја информирал амбасадорката за планираните инфраструктурни проекти кои општината ќе ги реализира во повеќе населени места каде главно живеат граѓани припадници на српската етничка заедница меѓу кои селата Тромеѓа, Речица, Умин Дол, Ново Село, Љубодраг, но и генерално за инфраструктурата во општината.

– Разговараме и за заеднички напори, поткрепени со логистика од Амбасадата за реализација за можно факултативно, изборно изучување на српскиот јазик во одредени училишта на територија на општината, секако ќе мора да се усогласи законодавството и одредени акти, но општината е секогаш на располагање за ваков вид соработка, посочи Димитриевски.

Тој потенцираше дека односите меѓу двата народи се традиционално добри и братски и треба да се продлабочуваат.

Амбасадорката Дивјак Томиќ изрази задоволство од средбата и нагласи дека односите меѓу двете држави се добри и пријателски, дека има заеднички интереси и добра волја за реализација на тие интереси и дека мора да се најдат начини да се унапреди меѓусебната соработка, да се унапреди економската и културната соработка.

– Амбасадата на Република Србија е подготвена и отворена да помогне колку може и колку е во нејзиниот мандат. Особено ме радува она што го нагласи градоначалникот во врска со вниманието кое се посветува на припадниците на српскиот народ и како голема задача за Амбасадата мислам дека е прашање за српскиот јазик, односно зачувување на српскиот јазик во Република Македонија, што е и најчуствително за самите припадници на српскиот народ да го зачуваат и тоа е главен приоритет за зачувување на српскиот идентитет на овие простори, додаде Томиќ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...