Градоначалникот на oпштина Дебрца, Зоран Ногачески изјави дека целосно ќе ја почитува волјата на граѓаните кои на референдум се изјаснија против изградба на регионална депонија во атарот на селото Годивје.
Ногачески таквиот став го изнел и на последната средба на премиерот и министерот за животна средина со градоначалниците, посветена на решавањето на проблемот со депонирањето и третманот на цврстиот отпад.
Општинскиот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ претходно со допис побара од Ногачески да се изјасни пред граѓаните дали ја прифатил посочената локација за изградба на депонија во Дебрца. Истовремено го прозваа градоначалникот дека пред локалните избори заедно со членовите на советничката листа на СДСМ се противел на одржувањето референдум за изградба на депонија.
Ногачески во реакцијата потсетува дека целокупната постапка за подготовка на потребната документација за изградбата на регионалната депонија започнала во времето кога претседател на Советот на Југозападниот плански регион беше поранешниот градоначалник Игор Трајкоски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
– Тој плашејќи се од неговата партија, која во тоа време беше на власт, си молчеше и аминуваше. За разлика од него, јас, како градоначалник на општината Дебрца, во сите свои настапи, па и на последната средба со премиерот Заев јасно и гласно ја повторив волјата на граѓаните на Дебрца против изградба на регионална депонија – вели Ногачески, додавајќи дека не само по односното прашање околу депонијата, туку секогаш ќе биде со граѓаните и во одбрана на нивните интереси.
Граѓаните на Дебрца на референдумот одржан заедно со локалните избори на 18 октомври минатата година се изјаснија „против“ плановите за изградба на Регионална депонија за цврст отпад во атарот на селото Годивје. Од вкупно 4.625 лица со право на глас во општина Дебрца на референдумот гласаа 3.149 лица од кои „против“ депонијата се изјаснија 2.746 или 87 отсто од оние што гласаа.