Градежниците се подготвени за реализација на инфраструктурните проекти

Од Градежната комора при ССК велат дека најавениот буџет и инвестиции ќе ја стабилизираат и подобрат состојбата во градежништвото. Велат дека се подготвени за инвестициите во нискоградбата кои ќе се реализираат во наредниот период во вредност од 270 милиони евра.

621

Градежните компании се подготвени за инвестициите во нискоградбата кои ќе се реализираат во наредниот период во вредност од 270 милиони евра. Очекуваат најавениот буџет и инвестиции да ја стабилизираат и подобрат состојбата во градежништвото.

Ова беше речено на денешната средба на претставници на Градежната комора при Сојузот на стопански комори со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

– Потребно е да се постави одредена динамика во која точно ќе се знае обезбедената инвестиција, динамичката реализација, начинот на плаќање, редовно сервисирање во делот на плаќање, редовно извршување на обврските кои се предвидени каде влегуваат и временските услови – рече претседателот на Комората Ивица Јаќимовски на прес- конференцијата по средбата.

Министерот Сугарески пак информира дека динамиката на реализирање на работите е веќе востановена и не би требало да има никакви отстапувања бидејќи веќе е обезбедена финансиската конструкција на сите проекти.

Од градежната комора, како што информира нејзиниот претседател Јаќимовски, денеска побараа продолжување на повластената стапка од пет отсто за ДДВ при прва продажба на станови до 2023 година и да се почитуваат законските постапки при издавањето на електронските одобренија за градење.

Градежниците, исто така, бараат да се направат клучните закони со кои ќе се помогне и забрза градежната активност.

– Она што е особено важно за градежните компании во делот на Закон за градење е максимално почитување на роковите за издавање градежни дозволи со цел да не се пролонгира процесот на градба што значи дополнителен трошок и за компанијата и за граѓаните и сите инволвирани во процесот – рече претседател на Градежната комора при ССК , Ивица Јаќимовски.

Став на градежниците е дека пролонгирањето на рокот за повластената даночна стапка на ДДВ за становите треба да се направи побрзо за да не дојде до неочекувано поскапување на стнаовите.

Од Владата веќе добиле ветување за тоа, како и потврда од министерот Сугарески.

Сугарески информира дека предлозите на комората за Законот за градење ќе бидат земени предвид.

– Нашата цел е да излеземе во пресрет на барањата особено во делот на олеснување на процедурите во делот на Законот за градење и сите правилници и подзаконски акти – рече Сугарески.

Сугарески беше дециден дека нема да се дозволи да се организираат нетранспарентни тендери и фаворизирање на одделни компании.

– На тендерите на Јавното претпријатие за државни патишта може да се јават сите заинтересирани домашни компании, бидејќи постапките ќе бидат транспарентни. Најголем дел од компаниите кои ги градат автопатиштата се домашни, а тие се и главни подизведувачи. Така што нашите градежни фирми се максимално вклучени во изградбата на инфраструктурата- рече Сугарески.

Градежниците биле информирани и со она што се планира на планот на изградба на железничката инфраструктура.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...