Компаниите кои нема да го имплементираат Закон за градење градежни материјали во делот на приемена на стандардите од следната година нема да можат да учествуваат на тендери во земјава, а оние компании кои ќе вградуваат неквалитетен градежен материјал ќе се соочат со казни, најави денеска претседателот на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора, Андреа Серафимовски.
Законот, како што рече Серафимовски, е донесен во 2015 година, а во тек се измени, но неговата импелментација оди бавно, па така на компаниите сега им останува да ги почитуваат последните рокови за нивно усогласување со она што се бара од нив.
– Од наредната година стандардите кои ги пропишува законот во однос на стандардите за производство на градежни материјали ќе влезат и во огласите за јавни набавки затоа апелираме компаниите кои произведуваат градежни материјали без разлика од кое подрачје доаѓаат од хармонизирано или нехармонизирано да ја завршат постапката за добивање на стандардите до 30 септември годинава, додека оние кои работат по стариот МК-ЈУС стандард да се усголасат со новите стандарди до крајот на годината – рече Серафимовски.
Тој посочи дека ова е од голема важност за компаниите бидејќи не само што нема да можат да учествуваат на тендери, туку и ќе бидат изложени на трошоци и казни, оти употребуваат материјали кои не соодветствуваат на стандардите.
Серафимовски додава дека трошоците за добивање на стандардот за градежните материјали е незначителен, а за компаниите кои извезуваат градежни материјали веќе се работи на усвојување на стандардите во регионот со што и во однос на испитувањата нема да имаат дополнителни трошоци.
Според него, веќе се сертифицирани три институции за издавање на стандардите кои се бараат со Законот, па компаниите можат навреме да аплицираат.
-Тоа се Градежниот институт „Македонија“ – Скопје, Заводот за испитување на материјалите и развој на нови технологии „Скопје“ – Скопје и „ГЕИНГ“ – Скопје – информира тој.
Посебен проблем кој го увиделе градежните компании, кој се провлекува со години во градежништвото, е увозот на неквалитетните градежни материјали.
– Нашите анализи покажуваат дека 50 отсто од увезениот цемент не одговара на стандардите кои се бараат со овој Закон, а голем е и процентот на арматурата која не одговара на стандардите. На пример мережата за арматура која е испитувана пред неколку години покажа дека има отстапување во однос на дебелината на профилите што ја доведува во прашање безбедноста на објектите во кои се вградуваат. Една хаварија на градежен објакт би значела огромна штета – вели Серафимовски.
Арматура најчесто се увезува од Грција, Босна и Херцеговина и Бугарија, а цемент најчесто од Албанија и Турција.
– Посебен проблем се материјалите кои доаѓаат од Турција за кои оваа земја дава субвенции, па компаниите поради субвенциите не ги гледаат последиците во градежништвото од неквалитетните материјали – додава Серафимовски.
Од Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали за наодите од анализата ги известиле и соодветнтие инспекциски служби и Царината и очекуваат проблемот да се надмине со имплементацијата на Законот за градежни материјали.
– Потребен е ефикасен и силен механизам за контрола на квалитетот на градежните материјали кои се нудат на пазароте бидејќи тоа е еден од најзначајните предуслови што треба да обезбедат дополнителни гаранции за сигурноста на градбите и одржлив раст на домашната градежна индустрија- вели Срафимовски.