Кукавичкиот напад врз пратеникот Горан Милевски, лидер на Либерално-демократската партија, на плоштадот Македонија во Скопје, е повеќе од вест на денот. Тоа е настан што покажува дека бранот насилства врз народните избраници не запира и дека полицијата засега не успева целосно да го исконтролира овој опасен тренд.
Битолчанецот Милевски е еден од помладите македонски политичари. Го запознав кога дојде во Скопје и оттогаш пријателуваме. Мене ми е симпатичен, затоа што плени неговата смиреност и лојалност кон стратешкото политичко сојузништво со тогаш опозицискиот СДСМ. Освен тоа, за разлика од некои други, тој е навистина човек од збор, дури и тогаш кога тој самиот и неговата партија се онеправдени (како сега) во поделбата на „колачот на власта“. Ми се допаѓа тоа што за политиката размислува здраво и на долги патеки, а не зихерашки, во амдибајрамовски стил. Момчето има иднина, бидејќи остава впечаток на партиски лидер што може да одигра важна улога во смирување на конфликтите во општеството, а не во разгорување на страстите.
Затоа ми е криво што напаѓачот, тој тежок кретен, случајно или по нарачка (допрва треба да се утврди), решил да се пресмета токму со Милевски. Горан ми ја раскажа случката и сфатив дека дури и физички нападнат и удрен неколкупати, тој успеал да не наседне на провокацијата и на искушението да возврати (а можел), за потоа да биде јавно жигосан во куртонските медиуми, како во оние од ергелата на Груевски, така и можеби уште повеќе во оние на другата страна.
Нападот врз Горан Милевски е клучен тест за волјата на МВР и на министерот Оливер Спасовски лично, да се стави крај на насилствата. Зошто? Затоа што настанот се случил среде бел ден, во епицентарот на Скопје, пред мноштво сведоци, на место коешто во принцип треба да биде „покриено“ и со дискретно физичко присуство на полицијата, но и со видеонадзор, кој и онака е инсталиран. Згора на сѐ, Милевски има волја и желба да помогне во истрагата.
Ако не се открие напаѓачот, овој пат сериозно – ама навистина многу сериозно – ќе се посомневам дека зад овие атаци врз народните избраници можеби стои и некое валкано сценарио. Не сакам ни јас ни кој било друг да влегуваме во тој филм, но единствениот начин да се убедиме дека тоа не е така е напаѓачот врз лидерот на ЛДП итно да биде пронајден, уапсен и изведен пред лицето на правдата. Секаков друг исход е неприфатлив.