Гол низ уши!

Амди Среден Прст Бајрам ренде ги направи премиерот Зоран Заев и министерот Оливер Спасовски. Гол со пета, гол низ уши, гол меѓу нозе... Амди Роналдо. Зини земјо, голтни ме!

8666

Луѓе, не можам да се смирам. Ќе пукнам. А бе душава ми е згадена. Разбирате ли?!

Дошол ред пратеникот Амди Бајрам, голгетерот Амди Бајрам кој на Бранко му даваше гол со пета, непрокопсаникот Амди Бајрам кој на 24 декември 2012 година нѐ поздравуваше со средниот прст од раката, сега, осилен, како дел од парламентарното мнозинство, уста да отвори и нешто да бара.

Замислете, на собраниска седница за пратенички прашања, Амди Бајрам го прашува премиерот Зоран Заев дали размислува (се мисли на Заев, Амди и онака не размислува) да има Ром советник во премиерскиот кабинет. „Не е важно кој ќе биде, важно е да биде образован, а такви Роми има“, прецизира партнеров.

Како бе немало образовани Роми… Па има ли подобар пример од Елвис Бајрам? Интелигентен. Остроумен. Со богато градоначалничко искуство. Плус образован, со завршено средно. Хм, да не сум грешка… завршено е тоа средното, нели?

И сега внимавајте, доаѓа најинтересниот момент. Премиерот Заев одговара дека во текот на април ќе објави оглас за вработување посебен советник за ромски прашања. И нормално, премиерот објаснува: „Сметам дека советник за ромски прашања треба да биде Ром“. Мислам, логика, нели?! За образованите како Амди и Елвис да сфатат.

Да, премиере Заев, ама треба и јас, вака необразован, нешто да сфатам. Кога Самка Ибраимовски, министер без ресор за имплементација на ромските прашања, стана пратеник, го наследи Аксел Ахмедовски. Ако имате министер, што ќе ви е советник?

Сеедно, Амди ликува. Ако она со Бранко беше гол со пета, ова со Заев е гол низ уши!

Но чекајте, тоа не е сѐ. Амди Роналдо е расположен за игра. Го прашува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски зошто на конкурсите што ги објавува МВР не се вработуваат Роми. Оливер понизно признава – речиси и да немало полицајци Роми. Види, мајку му стара, јас немам забележано, ама може и така да е.

Ау, ако она беше гол низ уши, ова, дами и господа другари, е гол меѓу нозе!

Мислам, секоја чест на Ромите, ама мене Амди Бајрам бундата по митинзи да ме прави будала и да вади зајак на бина, а јас сега, кај што сум го прибрал на власт, уште и да му одговарам на прашања по било која основа… Ма човече, одам во Вардар да се фрлам од Мостот на уметноста, додека не стаса она зиплајното!

Уште сега ми се превртува стомакот од најавите дека кон парламентарното мнозинство би можеле да се приклучат и Панчо Минов од ГРОМ и Владанка Авировиќ од кај Ѕинго. И којзнае уште кој… Во таков случај, наместо да се примаат вака евтини голови, подобро е утакмицата службено да се изгуби со три нула.

Зини земјо, голтни ме!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...