Начинот на кој што беше донесен Законот за употреба на јазиците покажува дека од минатото ништо не сме научиле, односно сме го научиле само она што е лошо и недемократско, оценува ФРОДЕМ.
„Наместо да го остават зад нив недоличното и силеџиско парламентарно однесување од минатото, сегашните парламентарци од партиите на власт, во целост, па дури и повулгарно го копираат однесувањето на своите претходници. Исто како и во минатото и сега сме сведоци на дрско кршење на Уставот, на Законот за Собранието и на Деловникот за работа на Собранието. И сега на дело го гледаме непочитувањето на туѓото и различно мислење. Ние не се боревме и не сакавме поранешната диктатура на мнозинството да биде заменета со тиранија на сегашните партии на власт, а најмалку сакаме тиранија на една малцинска парламентарна групација над мнозинството граѓани во државата.
Ние, не се боревме и не сакавме наместо Трајко Вељаноски, на негово место да гледаме некој нов, полош, и ни малку демократски настроен Трајко. Сакавме и сакаме за претседател на највисокиот законодавен дом, пратеник кој нема да им слугува на наредбите на партиските лидери, туку достоинствено ќе го претставува Собранието на Република Македонија како највисок претставнички дом на граѓаните на Македонија. Не ни е потребен уште еден партиски војник, туку непристрасен и објективен претседател на законодавниот дом, човек кој доследно ќе ја почитува собраниската процедура, а нема да биде егзекутор на владата и на нејзиното партиско мнозинство. Не, ни е потребен претседател на Собрание кој нахално и крајно настојчиво и бајато пред целиот ТВ аудиториум сака да се покаже кој е ко“, соопшти ФРОДЕМ.
Го потсетуваат Џафери дека Собранието е дом на демократијата, културата и толерантноста, а не камп за тренирање на партиска дисциплина и дом за реализација на антидржавни и антинационални меѓупартиски договори.
На Заев, пак, му порачуваат да им укаже на своите, како што велат, „бесни и осоколени крволочни извршители“, наместо да рушат споменици својата енергија да ја пренасочат во откривање на криминалот со спомениците и да се казнат сторителите на криминалот.
„Само со санкција за сторениот криминал и враќање на украденото ќе ја вратиме довербата во системот, а не со рушење“, додаваат од ФРОДЕМ.