Изгласувањето на Законот за употреба на јазиците предизвика сериозно загрозување на безбедноста на пратениците од владејачкото мнозинство, бидејќи, како што се пожалија дел од нив, на нивна адреса постојано пристигнуваат заканувачки пораки од националистите, кои сметаат дека е извршено предавство со тоа што го изгласале Законот за двојазичност.
Насилството и тензичноста започнаа уште за време на собраниската седница во средата кога малку недостасуваше експремиерот Никола Груевски физички да се пресмета со претседателот на Собранието Талат Џафери, а како што објаснуваат експертите, насилните манири што ги прикажа Груевски во собраниската сала, дополнително ги разгореа страстите и ги охрабрија националистите да продолжат со вршењето притисок. На социјалните мрежи масовно се шират фотографии што ги содржат личните податоци на пратениците, а под фотографиите редовно се објавуваат и коментари од „ќосињата“ кои ги предложуваат најдобрите и најсвирепи начини за казнување на предавниците. Автомобилот на една пратеничка од СДСМ беше запален ноќта по изгласувањето на двојазичноста, а неколку протести се одржуваа и пред домовите на дел од пратениците. Кордони со полиција од средата се поставени пред штабовите на владејачката партија и пред куќите на пратениците.
Закани, протести, пироманија
„Џелати на Македонија“, „Предавници на македонскиот народ“, „Гробари на државата“. Ова се дел од пораките што масовно се шират на социјалните мрежи, упатени кон пратениците од владејачкото мнозинство, кои го дадоа својот глас за изгласувањето на Законот за употреба на јазиците. Како што може да се забележи во објавите, овие заканувачки материјали најчесто ги објавуваат националисти, кои на јавноста ѝ се добро познати како блиски луѓе до ВМРО-ДПМНЕ, а освен пречкртаниот лик на пратениците од владејачкото мнозинство, на повеќе фотографии може да се забележат и нивните лични податоци, вклучувајќи ги и домашните адреси, кои служат, како што е наведено, „за полесно пронаоѓање на предавниците што мора да бидат казнети“.
Освен ширењето закани на социјалните мрежи, насилството се префрли и на улица, а најсериозниот инцидент се случи во Виница кога на пратеничката Славица Шуманска-Митева од СДСМ ѝ беше запален автомобилот паркиран до семејната куќа. Во Велес, пак, пред домот на пратеникот Панче Иванов, стотина националисти секојдневно се собираат и протестираат поради тоа што тој гласал за двојазичноста.
Според Министерството за внатрешни работи, полициските активности се одвиваат во согласност со безбедносните процени.
„Врз основа на безбедносните проценки, МВР ги презема неопходните мерки за гарантирање на сигурноста и безбедноста на граѓаните и државата. Согласно со безбедносните проценки, зголемен е бројот на полициски патроли во неколку реони во неколку градови во државата. Ги следиме тековните случувања и правиме редовни безбедносни проценки, врз основа на кои, се преземаат соодветни мерки“, стои во соопштението на МВР каде што е наведено и дека полицијата проверува колку се сериозни заканите до пратениците што се упатуваат преку социјалните мрежи.
Во меѓувреме, пратеникот од власта Ферид Мухиќ изјави дека заедно со другите колеги од СДСМ се договориле да се кријат дома и да не ја иритираат јавноста.
– Со колегите пратеници се договоривме да седиме дома. Нема да побарам заштита, предраматично е да се размислува и да се зборува за ова. Најлошо е што може да има сериозни елементи за кои треба да се размисли. Се договоривме да не се движиме многу во јавност за да не иритираме – изјави Мухиќ.
„Ќосињата“ се производ на опозицијата
Не можеме да бидеме сигурни дали овие закани и напади врз пратениците од СДСМ се координирани од некое поголемо тело или партија, но најдобро е веднаш да се пријавуваат случаите во полиција, вели комуниколот Сеад Џигал. Тој објаснува дека постои медиумски ефект кога луѓето ќе видат најава за протест зачинета со насилнички пораки или со друг насилен акт, па тогаш, како што вели, и самите медиуми се охрабруваат и го преземаат текстот.
– Остро треба да се осудат сите физички пресметки, конфликти или соочувања. Дури и јавните личности мора апсолутно да се воздржуваат и од вербални конфликти, а да не зборуваме за физички. Нивните постапки многу значат, бидејќи лесно би можеле да се применат низ општеството и да делуваат како поттик за насилство – вели Џигал.
Аналитичарот Љупчо Петковски вели дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги создала „ќосињата“ кои сега протестираат и на кои им е дадено лажно чувство дека ја бранат државата од некакви предавници.
– Секогаш кога некој се заканува некому и му се качува на глава во име на политиката, треба веднаш да заврши во затвор. Тоа, според мене, е најдоброто решение за актуелната ситуација, бидејќи мора веќе еднаш да профункционира правната држава. Едноставно, ако тој што протестира прави проблеми, упатува закани и пали автомобили, тогаш на сцена треба да настапи полицијата и да го реши случајот без оглед дали протестирачот е лево или десно ориентиран – објаснува Петковски.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, пак, тврди дека насилното однесување на граѓаните врз пратениците не претставува продолжена рака ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на „ќосињата“, туку како што вели, луѓето само не знаат како да реагираат на начинот на кој беше донесен законот за двојазичност.
– Јас ги осудувам сите видови насилство, но пратениците што гласаа за двојазичноста требаше да размислат со своја глава во што се вплеткуваат и како тоа ќе се рефлектира во јавноста. Ние ги плаќаме пратениците со наши пари, а тие требаше да го слушаат и гласот на граѓаните. Не верувам дека безбедносната состојба ќе ескалира, но верувам дека потегот на пратениците ќе остави длабоки белези врз довербата од народот – вели Пекевски.
(Објавено во Слободен печат)