Апсолутно сите заедници што живеат во Република Македонија имаат легитимно право да бараат унапредување на употребата на нивните јазици, тоа се однесува и за албанската и за сите други заедници кои живеат во земјата. Ова, како што изјави претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, е став на претседателството на Академијата за прашањето за употребата на јазиците на заедниците во Република Македонија.
– За овие прашања мора да се зборува во мирна атмосфера со взаемна толеранција меѓу сите политички актери, чинители со взаемно разбирање и мора да се носат одлуки без никакви наметнувања, без никакви уцени или условувања од било која страна да доаѓа – истакна Фити по денешното Годишно собрание на МАНУ.
Многу е важно, како што рече, при сето тоа да се води сметка меѓу другото и за тоа дека македонскиот јазик како јазик на мнозинската заедница има интегративна функција и треба да се внимава на таа негова функција.
– Наше мислење е дека не може да се гради мултикултурно, мултиетничко општество или да се спроведуваат закони со оние мерки кои меѓу другото во законот беа предложени, како инспекторати и контроли итн. Суштината на подобрување на употребата на одделните видови на заедниците оди на друг начин, преку взаемна културна соработка, взаемно дружење, заеднички културно уметнички и научни проекти – рече Фити.
Претседателот на МАНУ потенцира дека е многу битно да се задржи политичката стабилност во земјата.
– За сите прашања, тоа е став на Академијата особено за прашањата што се сензитивини и од комплексот на меѓуетнички односи, мораме да разговараме на начин кој е нормален за демократии – нагласи Фити.
На новинарско прашање дали Законот за употреба на јазиците е донесен нормална атмосфера, Фити рече дека Академијата за тоа нема да суди, бидејќи како што рече, за тоа ќе се изјасни Уставниот суд.
– Ние апелираме дека не треба да се отстапи од Деловникот, од процедурата, бидејќи тоа може само да направи проблем, како што направи проблем. Ние мислиме дека тоа треба да се разрешува на нормален начин – рече Фити.
Академик Фити посочи дека во МАНУ има 45 академици од 40 се редовни, а пет се дописни членови. Според него, тие се интелектуалци и за било кое прашање не може секој да има идентично мислење и оти тоа не би било во ред.
Фити кажа дека овој став на претседателствто на МАНУ бил прифатен од сите членови и го одразува ставот на Академијата.