Филипче: Почна постапката за набавка на лекови за ретки болести

Мнистерството за здравство ќе даде речиси 50 милиони денари за активности за превенција од ХИВ

233

Се спроведува голема постапка за набавка на лекови за ретки болести врз основа на работата на Комисијата за ретки болести која е советодавно тело и во која членуваат доктори од клиниките каде се лекуваат овие пациенти. Таа постапка деновиве ќе биде објавена, истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека лекот за ретката болест мукополисахаридоза првпат се обезбедува и дека веќе влегол во планот за набавка за годинава.

– Таа дијагноза првпат се најде во регистерот за ретки болести – додаде Филипче, одговорајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата на која потпиша договори со 15 граѓански организации кои ќе добијат средства за активности за превенција од ХИВ.

 

Инаку, петнаесет граѓански организации кои аплицираа на јавниот повик на Министерството за здравство ќе добијат 47 милиони денари за активности утврдени во Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција за годинава. Тие денеска со министерот за здравство Венко Филипче потпишаа договори со кои ќе им бидат обезбедени средствата.

– Република Македонија e првата земја во регионот која целосно го презема финансирањето на превентивните програми за ХИВ и туберкулоза од Глобалниот фонд, кој го препозна ова лидерство. Имаме чест годинава на 9 и 10 мај бордот на Глобалниот фонд да се одржи во нашата земја – истакна Филипче на прес-конференција.

 

Претседателката на Национална комисија за ХИВ/СИДА при Министерството за здравство, д-р Милена Стевановиќ од Клиниката за инфективни болести рече дека во превентивната програма за превенција на ХИВ активно ќе бидат вклучени здравствените институции кои ќе имаат одговорност за да се одржи ниската преваленца на ХИВ. Товарот, потенцира, ќе падне на Институтот за јавно здравје, центрите за третман на зависности, Клиниката за инфективни болести и центрите за јавно здравје.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...