Фабрики за тролови во медиумскиот барабан

Од 26.000 лица што учествувале во последното испитување на Евробарометарот, околу 83 отсто сметаат дека онлајн-дезинформации претставуваат опасност за демократијата и дека лажните вести во прва рака се пласираат со цел да се дезориентира јавната дебата или да се заработат пари.

633

Стравовите и несигурноста на македонските граѓани пред предизвиците на иднината во добар дел се поттикнуваат и од интензивното пласирање на лажни вести и чисти измислици во дигиталниот и медиумскиот простор. Изјавата која често му се припишува на Черчил, дека „лагата може да обиколи половина свет, додека една вистина е сѐ уште на едно место“, стана поточна од кога и да било. Се покажува дека производството на лажни вести во многу случаи се претвора во форсирање не само на разни сомнителни политички агенди и манипулација со затскриени цели и интереси, туку неретко функционира и како цел бизнис.

Против пропагандата што циркулира во политичкиот и медиумскиот барабан најчесто не помагаат настојувањата и обидите за пресретнување со факти, односно за разобличување и проверка на веродостојноста на фактите. Тоа што најчесто станува интересно не е тоа што се шири преку мрежите, туку зошто се шири – и од кого.

Едновремено, тешко може да се изнајде некаков поефикасен начин што би овозможил таквиот протек на измислици и конструирани податоци да се подложи на контрола и анлизирање. Демократијата подразбира отворена дебата, но прашање е со какви методи може да се направи разлика меѓу изнесување веродостојни аргументи и кампања со негативно влијание, чија е цел е внесување поделби и неединство во општеството.

Феноменот е глобален. Кампањите со дезинформации се користат како обид да се изврши влијание врз обичните граѓани и избирачи да дискутираат околу извесни прашања, при што се дава поткрепа на нивните предубедувања, предрасуди, и им се нудат однапред формулирани и прифатливи заклучоци за масовна употреба. Токму затоа, поради таквиот развој што им се заканува посебно на кампањите во предизборните активности, во ЕУ сè понагласено созрева свеста дека граѓаните треба да се научат како да ги читаат вестите на интернетот. Тоа е и главниот заклучок во неодамна објавениот извештај за лажни вести и „онлајн-дезинформации“ на независна експертска група, ангажирана од страна на Европската комисија.

Но како би можеле граѓаните да бидат информирани кои вести на интеренетот се лажни и погрешни? Според претседателот на споменатата експертска група, холандскаата професорка Маделин Банинг, неопходно е сериозно балансирање за да се одговори на тоа прашање, без притоа да се ограничат и редуцираат елементарните слободи и права во ЕУ. Погрешен пат би бил да се принудуваат граѓаните да веруваат или не веруваат во нешто, но доколку ЕУ не преземе мерки против лажните вести (fake news), се зголемува ризикот овој веќе голем проблем да продолжи да се зголемува со својата разорна моќ врз информативниот простор. Меѓу предлозите на експертска група се наведени мерки што ќе водат кон подобрување на медиумското „читачко знаење“, како и гаранции за медиумска разновидност и одржливост. Се предлага и дефинирање на еден принципиелен „код на однесување“ на кој би се обврзале сите медиумски платформи и мрежи, иако во основа станува збор за саморегулирање, односно без воведување на посебно законодавство во оваа област.

Од 26.000 лица што учествувале во последното испитување на Евробарометарот, околу 83 отсто сметаат дека онлајн-дезинформации претставуваат опасност за демократијата и дека лажните вести во прва рака се пласираат со цел да се дезориентира јавната дебата или да се заработат пари. Економскиот мотив има големо значење, како во случјот на често споменуваните „фабрики за тролови“ во Македонија кои произведуваат лажни вести за да добијат приходи од реклами, а за што сега зборува и првиот човек на Фејсбук, Марк Цукерберг, укажувајќи дека лани биле откриени многу лажни профили од Македонија кои се обидувале да шират лажни вести.

Но такви вести несомнено придонесуваат во оцрнувањето на состојбите во други земји, а со што вопоследните години се соочуваат и во Скандинавија. Големо внимание пред извесно време привлече лажен напис дека наводно муслимани вршеле голема нужда и онанирале среде велелепната ренесансна црква во шведскиот град Кристијанстад. Фејкот го напиша и пласира некое момче од Македонија кое добива платено според бројот на „кликови“ и колку што е можно поголема посетеност, а поради што вистината свесно и максимално се искривува и се става во контекст на чувствителни општествени теми кои внесуваат вознемиреност меѓу обичните граѓани. Како и што набрзо се покажа, според изјавите на пасторот и другите редовни посетители на споменатата црква, дека своите црева на мермерниот под во храмот од 12-иот век ги празнеле шведски наркомани, алкохоличари и бездомници.

Во последно време се почесто се користи неологизмот од модерниот ИТ-вокабулар – „трол“ и „фабрика за тролови“ (troll factory). Поимот „трол“, всушност, потекнува од скандинавскиот фолклор и ги опишува митолошките чудовишта, пакостливи и зли суштества, опасни и непријателски настроени кон луѓето. Тие „чудовишта“ сега на интернетот дејствуваат како пропагандистички групи за ширење на лажни вести и погрешни тврдења. Но проблемот е во тоа што фабриките за тролови во основа не сакаат да бидат провокативни, туку пред сѐ настојуваат да делуваат веродостојно. Во таа смисла, однесувањето на троловите често се засновува на истиот „деловен модел“ како и кај обичните медиуми.

А какво решение ќе изнајде експертската група на Европската комисија за да ја пресретне лагата откако таа набрзина ќе обиколи половина свет, засега останува – енигма.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...