„Делиме историја и исто културно наследство, и исти можности и предизвици денес и во иднина “, рече, меѓу другото, по повод новата Стратегија за Западен Балкан, високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини. Не случајно Европската комисија ја прогласи 2018 година за Европска година за културното наследство, пред сè со надеж дека токму поголема афирмација и поткревање на свеста за заедничкото културно наследство ќе преставуваат значаен придонес кон запирање на тенденциите за растурање и поделби во Европа.
Европските бирократи во Брисел, барајќи начини да се спротивстават на растечкиот евроскептицизам, предупредуваат дека доколку не размислуваме за иднината се сголемува ризикот напорите што се прават денес да бидат изгубени утре. Користејќи ги сите позитивни и охрабрувачки моменти, Брисел кон својата композиција што треба силно да влече и успешно да мине низ предизвиците на иднината, без двоумење ги прикачи и најновите резултати од испитувањето на јавното мислење, нарачани од Европскиот парламент, а според кои сè поголем број граѓани на ЕУ, моменто околу 64 отсто, сметаат дека нивните земји имале полза од тоа што станале членки во Унијата.
Во текот на Европската година на културното наследство се предвидени низа активности, како, на пример, во музеите ширум Европа од кои се очекува да биде нагласено она што е заедничкото европско во нивните поставки. Целата е да се гради заеднички европски идентитет, кој потоа ќе отвора нови патишта за други интеграциски проекти во рамки на ЕУ. Идејата, според еврокомесарот за култура Тибор Наврачич, доаѓа врз база на ЕУ-скепсата која постои, и потребата да се зајакне основната верба во европските интеграции.
Но едновремено, гледано на поширок план, ова за Брисел воопшто не е лесна задача, поаѓајќи токму од фактот оти е мошне тешко да се посочи што е тоа што претставува и може да биде сфатено како заедничко европско културно наследство. Европската комисија тука се соочува со комплексноста на проблемот да балансира на начин што од една страна ќе ја потенцира разновидноста во европското културно наследство, а, од друга, ќе покаже дека постои нешто што обединува и поврзува. Брисел тоа досага го решаваше така што зборуваше за она што се нарекува европски вредности како демократија и соработка вон националните граници.
Но критичарите предупредуваат на таков начин културното наследство на ЕУ ризикува да биде премногу апстрактно за да има и политички потенцијал, изразувајќи во таа смисла сомнеж дека културното наследство ќе успее да ја обедини Европа и дека тоа заправо ќе ја направи ЕУ посилна. Без оглед што во актуелниов миг, и во контекстот на оваа дискусија, кога низа показатели говорат дека ЕУ-интеграциите се наоѓаат на крстопат, многумина веруваат дека можностите да се изгради заеднички европски идентитет, односно како ќе изгледа иднината на Унијата, би можеле да бидат од решавачко значење.
Веќе подолго време ЕУ-политичарите гледаат во унапредувањето на европскиот идентитет средство за врзување на граѓаните поблиску до Унијата. На луѓето мора да им се понуди нешто повеќе, чувство на припадност и заедништво. Инаку се заканува назадување. Тука и започнува и се интензивира критиката за наивните замисли во соништата за една федерална ЕУ со “социјални и политички права“ и “трансетнички идентитет“. Културализмот – пренагласување на влијанието на културата во формирање на личноста – во официјалните прокламации станува последица на прекинат пројект на унија, а не надидеологијата на европската алијанса на големите сили со приклучени вазални држави.
Тоа го потврдува и развојот откако на таквата алијанса ù се придружија – и потчинија – земјите од Источна Европа, кои моментно, посебно Вишеградската четворка се во жесток судир со Брисел околу низа спорни прашања поврзани, меѓу другото, со стандардите на правната држава и функционирањето на демократскиот систем, слободата на медиумите, или прифаќањето нан мигрантите, прашања за кои Европската комисија од споменатите земји сака да изнуди солидарност и рамноправно учество во нивното решавање. Но најмоќниот и најсилен капитал преку ЕУ всушност решава две задачи: се одлободува од националната демократија и нејзините класни компромиси, и ги координира своите политички и воени средства во борбата за светскиот пазар. Тој проејкт неизбежно води кон развој во кој посилните држави се наметнуваат врз послабите. Тоа е, значи, веќе присутно на релацијата Запад-Исток во рамки на Унијата, а уште повеќе се гледа и во однос на земјите на Балканот, кои исто така сè позабрзано итаат формално да се потчинат на алијансата на големите сили.
И покрај свечаните изјави, идентитеската политика на Брисел и заложбите за популаризација на заедничкото европско културно наследство засега сепак го заобиколуваат Балканот, каде што политичките елити, но не помалку и обичните граѓани, историското и ултурно наследство во регионот го доживаат пред сè како повод за континуирани конфликти, кавги и меѓусебни понижувања. Токму затоа се чини дека од методот што се темели врз принципот на потенцирање на заедничкото во културното наследство, посебно на Балканот, не може да се очекува некаков поголем успех. Националните разлики се максимално изострени и во крајна линија не можат едноставно да се занемарат. Антагонизмите и конфликтите меѓу народите од разни култури веројатно попрво можат да бидат надминати како и во почетоците на работничкото движење – со заеднички политички стремежи и јакнење на единството преку националните граници.