Еколошкото мапирање на возилата „решение“ на загадувањето или „проблем“ за возачите

Македонија има доста стар возен парк и се претпоставува дека просечната старост на возилата е поголема од 17 години.

318
20151224 Thursday magla skopje zagadeno zagadenost zagaden vozduh pm chestici chestichki smog

Емисијата на издувни гасови од возилата влијае врз квалитетот на амбиенталниот воздух во Скопје. Како една од долгорочните мерки во борбата против аерозагадувањето Градот, заедно со МВР, најавија законски измени со кои при техничкиот преглед на возилата секое возило ќе може еколошки да се мапира и ќе добие налепница.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов, во ноември минатата година рече дека до крајот на 2018 година би можело во еколошка смисла да бидат мапирани сите возилата на територија на цела држава и така административно да се ограничи движењето на возилата – загадувачи.

Најавените законски измени предвидуваат мерење на издувните гасови при регистрација на возилата и нивна категоризација согласно количината издувни гасови. Така набрзо секое возило би требало да добие соодветна црвена, жолта или зелена налепница, во зависност како ќе бидат категоризирани.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи во 2016 година, на територијата на Македонија регистрирани се 461.799 возила, од кои најмногу 221.281 како погонско гориво користеле бензин, додека дизел користеле 219.570 возила. На авто-гас регистрирани се 12.318 возила, додека на електрична енергија само 80 возила.

Најголем загадувач се старите дизел возила

Според професорот на Катедрата за мотори со внатрешно согорување на Машинскиот факултет во Скопје Даме Димитровски, кога зборуваме за загадување со цврсти честички Ото моторите или моторите кои согоруваат бензин се драстично помал загадувач од дизел моторите.

– Македонија има доста стар возен парк и се претпоставува дека просечната старост на возилата е поголема од 17 години. Стари се и товарните возила и автобусите и лесните патнички возила – изјави Димитровски.

Тој смета дека доколку на бензинските мотори ставиме гориво пропан-бутан или метан тоа ќе значи драстично подобрување на емисијата од моторот.

– Маркичката во суштина сѐ уште не е дефинирана кај нас. Дали ќе значи само мерење на цврсти честички. Ако значи мерење на цврсти честички, тогаш овие возила кои се во главно бензинци сите ќе бидат со зелена маркичка. Тие што се на метан и пропан бутан ќе бидат драстично зелена маркичка, дизелите главно ќе бидат потешко за да добијат некаква зелена маркичка, евентуално тие Еуро 5 или 6 ќе добиваат некаква зелена маркичка. Кога ќе ја издефинира градот убаво мерката ние ќе можеме да кажеме што да подобриме – изјави Димитровски.

Според него, вградувањето на плински уреди, популарно наречени или уреди за авто гас и уреди за метан, секако ќе ја подобри емисијата на било кое возило бидејќи согорувањето на гасни горива дава емисија на цврсти честички нула. Така во делот на цврсти честички бензинските мотори кои и така емитуваат малку, со вградуавњето на уред на гас, тоа ќе биде скоро нула.

Градовите во Германија и Франција во отворена војна со дизел возилата

Германските градови Штутгарт и Дизелдорф неодамна добија дозвола да ги забранат постарите дизел возила во зоните кои се најмногу погодени од загадувањето. Ваквата одлука доаѓа по податоците дека во 70 германски градови загадувањето со азотни оксиди, кои се дел од  емисијата на дизел возилата, ги надминуваат дозволените вредности.

Новите измени не ги засегаат новите возила со Еуро 6 стандард, но од вкупно 15 милиони дизел возила во Германија само 2,7 милиони ги исполнуваат Еуро 6 стандардите.

Париз во борбата против загадувањето минатата година воведе задолжителна шема на налепници на возилата, што ги опфаќа автомобилите, камионите, моторите и скутерите. Со новите мерки Градот Париз во критичните денови со високи концентрации на загадување во воздухот, може да воведе мерки за ограничување на сообраќајот и да воведе бесплатен јавен транспорт.

Возачите во Париз, како што пишува „Гардијан“, мора да имаат една од шестте бои на налепница против загадување на своите возила или се соочуваат со казна од 68 евра за автомобили и 138 евра за камиони, додека градските власти освен налепниците може да затворат одредени улици за сообраќај на возила и евентуално целосно да го забранат движењето на дизел возила.

Период од три години за хрватските возачи да ги прифатат промените

Пред Хрватска да влезе во ЕУ, прописите за технички услови кои се однесуваат на емисија на издувни гасови беа усогласени со европските, меѓутоа примената на построги критериуми не почна одма, туку се остави период на прилагодување од три години.

Така, по стапувањето во сила на законот на техничките прегледи низ Хрватска задолжително се врши мерење и контрола на состојките на издувните гасови, но возилаат кои не ги исполнуваат новите услови не се враќани, туку само им се потврдувала техничката исправност. Во таа прилика сопствениците се информирани и опоменувани дека е неопходно да извршат некакви конкретни поправки со цел да добијат прифатливи резултати и ги исполнат потребните услови.

Новите прописи не значеле дека старите возила кои имаат Еуро 2 и пониско биле исклучувани од сообраќај туку, за нив само се барало да ги исполнуваат пропишаните услови од нивно време. Во практична смисла, тоа значи дека сите неисправности мора да бидат отстранети, а тие со неисправни катализатори или филтри не можат во никој случај да го минат техничкиот преглед.

Во периодот од три години се прилагодувале и станиците за технички преглед за доследно применување на новите прописи и учење како да одговорат на големиот број прашња од практичната примена на новите прописи. Таквиот период на прилагодување од три години е доволоен за сопствениците на возила да се прилагодат и водат сметка за техничката исправост на возилата и резултатите од емисијата на издувни гасови.

Регионот „на хартија“ се усогласува со ЕУ регулативите

Државите од регионот воведуваат нови построги правила кои се усогласени со препораките од Европската комисија, а кои се однесуваат за техничките прегледи на возилата при регистрација.

Во Србија постојат прописи и нормативи за контрола на загадувањето при техничките прегледи со сонда при регистрација, но со цел да се намали можноста за злоупотреби и неправилности, како што пренесува „Телеграф.рс“ се подготвува нов правилник за технички преглед, кој треба годинава да биде усвоен, а предвидува видео надзор и построги правила за губење на лиценцата на независните технички станици.

Досега лажирањето на техничките прегледи се правело така што мерењето на количината на издувни гасови, наместо да се врши на пропишаните 2.000 вртежи и работна температура на моторот, се прави со намален бројот на вртежи на моторот за резултатите да бидат во рамки на дозволеното, или пак едноставно се препишувале податоците од мерењата на друго возило.

Новиот правилник во Србија кој треба да стапи во сила предвидува контрола преку фотографии и современ софтвер, како и задолжително користње на специјален уред да мерење на емисијата на штетни издувни гасови.  Според новите прописи во Србија возило со карбуратор, нема да смее да има отстапувања во емисијата на јаглерод моноксид при одреден број на вртежи на работна температура на моторот поголема од 3,5 проценти. Во однос на возилата кои имаат електронска регулација на смесата на гориво ќе мора да имаат емисија на штетни гасови како при работа на мотор во лер или зголемен број вртежи во рамки на граничните вредности пропишани од производителот.

Александар Атанасов

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...