Еко акции, работилници за селектирање на отпад и изработка на креативни предмети, едукативни предавања, чистење на училишните дворови беа само дел од активностите на учениците од основните училишта во Карпош, со кои го одбележаа Денот на пролетта и екологијата, соопшти Општината.
Во основното училиште “Војдан Чернодрински” се одржа интерактивно предавање со дел од учениците на кое учествуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев.
Учениците даваа теоретски одговори на прашањата за рециклирање и компостирање на отпад, но се вклучија и со практични примери од секојдневието како паметно да ги користиме пластичните амбалажи, старата облека или хартија.
Основците ја истакната потребата од поголемо користење на велосипедот како превозно средство со кое директно влијаеме врз намалувањето на загадувањето и придонесуваме за подобрување на нашето здравје.
Градоначалникот Богоев посочи дека од примарно значење е секој да биде одговорен за заштита на животната средина. Само со здружени сили и работење на свеста кај сите граѓани можеме да придонесеме за почиста општина и создавање вистинска еко заедница.
По посетата на “Војдан Чернодрински”, Богоев присуствуваше и на еко работилниците во основното училиште “Аврам Писевски” во Бардовци, каде што се изработуваа украсни цветови од хартија и пластика,се цртаа цртежи со еколошки теми и пишуваа креативни раскази за начинот на спас на планетата Земја..
Во дворот на ова училиште е предвидено засадување на нови садници и оплеменување на просторот со нови цвеќиња и зеленило, со цел да се добие градина за која одговорни ќе бидат учениците, посочи дел од наставниот кадар на училиштето.