Единствената жена пилот во МВР: Постоиме само хеликоптерот и јас

Кавадарчанката Весна Петреска има 28 години и работи меѓу 15 колеги-мажи.

956

Возбудливо е да се работи на 2.500 метри, вели единствената жена – пилот на хеликоптер во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија. Кавадарчанката Весна Петреска има 28 години и работи меѓу 15 колеги-мажи. За МИА вели дека во оваа доминантно машка професија дури и во светски рамки, таа воопшто не се чувствува дискриминирана, ниту обесхрабрена. Нагласува дека е рамноправна со колегите кои ѝ даваат поддршка и со респект гледаат кон неа.

– Многу луѓе се чудат затоа што сум пилот. Затоа што според нив, за женско било типично да биде стујардеса, но не и пилот. Така всушност и започнува мојата животна приказна. Порасната сум во средина која смета дека кога се во прашање воздушните летала, женско може да биде стујардеса. Отсекогаш имав желба да бидам горе во височините, но како мала дури и самата не верував дека еден ден можам да бидам пилот. Верував дека ќе бидам стујардеса, ама важно ми беше да летам, да бидам горе во височините – открива Петреска.

Така било сѐ додека не излегол конкурс за прием на пилоти. Таа веќе имала дипломирано на Факултетот за безбедност.

– Си реков, зошто да не си ја пробам среќата. Имам желба да летам и храброст и тоа беше мотивот што ме влечеше да се пријавам на тој конкурс и да докажам дека ете сепак и жените можат да бидат пилоти, а не само стујардеси. Ја поминав целата селекција меѓу 480-те пријавени, обуката од две години заедно со уште единаесетмина мои машки колеги, од кои само девет успеавме и станавме пилоти – раскажува Петреска.

По двегодишна обука, има дозвола за управување со два вида хеликоптера. Во помалиот летаат максимум пет луѓе, а петнаесет во поголемиот. Има и плус двегодишно официјално работно искуство. При акција, во хеликоптерот се претежно двајца пилоти со две команди за управување. Како пилот работи во Скопје, во одделението за воздухопловни единици – хеликоптерска единица за полициски намени.

– Постоеле пречки и при самата селекција и обука, имаше и такви кои не веруваат дека женско може да биде пилот и дека може да постигне. На некој начин можеби се чувствуваа загрозени затоа што влегуваш сепак на некој начин на нивна територија. Меѓутоа амбициите, храброста да се постигне да се работи тоа што се сака, сепак, треба да бидат водилка кон замислените цели кои сакаме да ги постигнеме – децидна е оваа девојка пилот.

Доколку повторно се роди, вели, дефинитивно повторно би ја одбрала оваа убава професија.

Се интересиравме дали некогаш почувствувала страв при летањето со хеликоптер, дали имало напнати и стресни ситуации.

– Конкретно страв во смисла да се плашиш од нешто, не. Но, сепак, пред секој лет сигурно постои тој потсвесен страв, или можеби желба сѐ да помине во најдобар ред со акцијата. Бидејќи постојат и натприродни сили кои никој не може да ги контролира. Морам да нагласам дека безбедноста ни е на највисоко можно ниво, не само за нас, туку и за другите кои се со нас, или на тие што евентуално треба да им се помогне. Секогаш внимаваме и не ризикуваме – нагласува Петреска.

Редовно има тренинг летови, од секој лет извлекува поука плус и ги чека своите шанси за дополнително докажување во акциите во рамките на својата професија.

– Кога сум во хеликоптер, мислам само на летот. Таков е моментот. Како влегувам во леталото, како да има некое копче. Едноставно исклучувам сѐ друго и сконцентрирана сум само на мојата работа. Во тие моменти постоиме само хеликоптерот и јас – децидна е Петреска.

Таа беше една од трите кавадарчанки предавачи на трибина насловена „Улогата на жената во општеството – позитивни примери во општината“, која се реализираше во Кавадарци, во организација на Комисијата за еднакви можности на мажите и жените, при Советот на општина Кавадарци. Настанот на кој се разговараше за половата застапеност во одредени професии од општествениот живот, беше во чест на 8 Март, Меѓународниот ден на жената.

– Треба да се поттикне храброста кај жените. Да се борат за професии кои се нетипично женски и каде има малку припаднички на понежниот пол, а сепак може да се постигне и да не се обесхрабуваат. Да не си велат дека е тоа машка територија во која не смее да се завлегува. Постои еднаква можност за сите. Ако се докажеш во тоа што го работиш и ако сакаш да го работиш, секогаш може да се успее. Ако се има желба и храброст, секој може да успее – им порача таа на средношколците од двата пола кои беа на трибината, а имаше и родители и наставници.

 

Секоја препрека, додава таа, треба да биде дополнителна мотивација за самодокажување и  успех.

– Амбицијата, храброста и желбата да се успее, треба да бидат првите што ќе ве  водат кон успех како во кариерата, така и во семејството. Се може да се постигне ако се сака. Најважно е да се работи со љубов, тогаш успешноста е уште поголема, апелира Петреска.

Присутните ѝ аплаудираа. Некои од учениците искоментираа дека наместо вообичаеното „пушти чичко летки” кога дете ќе здогледа хеликоптер на небото, сега слободно и со задоволство може да си каже и „дадичко, пушти летки”.

Светлана Дарудова

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...