Американскиот милијардер Илон Маск отсекогаш ги сакал автомобилите.
„Бизнис инсајдер“ наведува дека на листата на возила кои се нашле во негова сопственост во текот на годината се „Jaguar E-type”, „Audi Q7“, „Porsche 911“ и „Hamann BMW M5“, а не треба да се заборави ниту автомобилот кој го возел Џејмс Бонд во еден од филмовите од серијалот за познатиот шпион.
Но, Илон кој е денес извршен директор на „Тесла“, не отсекогаш возел луксузни автомобили ниту имал пари да си ги дозволи, што покажува и оваа фотографија која неговата мајка Меј ја објавила на Твитер, пишува Си-ен-би-си.
На фотографијата од 1995 година се гледа Маск и неговиот прв автомобил, а мајката на милијардерот под неа напишала: “А луѓето велеа дека не знаеш ништо за автомобили“. Маск одговорил на објавата и ја открил приказната која се крие зад фотографијата.
– Не можев да си дозволам поправка, па сам поправав речиси сè на тој автомобил, служејќи се со делови од отпад – признал милијардерот.
– Иронично, тоа сум јас како го менувам скршениот бочен прозорец. Кругот е сега комплетен – се пошегувал Маск, алудирајќи на прозорецот на новото возило на “Tesla” – „Cybertrack“ кој се скрши на презентацијата и покрај наводите за “отпорно стакло”.
Првиот автомобил на Илон бил „BMW 320i“ од 1978 година, а истиот го купил во 1993 година за 1400 долари.
– Поставив петбрзински менувач од модел кој го пронајдов на отпад, откако четирибрзинскиот менувач се расипа – навел тој.
Маск исто така објаснил како се скршило стаклото на неговиот прв автомобил.
„Ми го скршија прозорецот за да украдат радио кое вредеше околу 20 долари. Но, најдов негова замена на отпад. Инаку на отпадите можете да најдете одлични работи. Забавно е да се поправаат/надоградуваат автомобилите“, порачал милијардерот.
Илон во 2012 година рекол дека решил да се ослободи од автомобилот кога му отпаднало тркалото откако му го позајмил на својот стажист.
– Во тој момент се ослободив од него – истакнал Маск.
FOTO: EPA/BEN MACMAHON