Двојазичноста во сивата зона на фактите

Да, познато е дека уствана двојазичност функционира на целата територија во Финска, но да се тврди дека двојазичен модел постои и во соседна Шведска не може да биде ништо друго освен неточно и дефинитивно – погрешно.

544

Искуствата поврзани со двојазичноста во Европа несомнено заслужуваат внимание и пошироки анализи. Но сериозниот обид на сајтот на „Дојче веле“, преку колумната посветена на двојазичноста во Скандинавија, чиј авторот е Љупчо Поповски, за жал виси на тенок конец – и делумно на погрешни факти.

И тоа веќе во самиот наслов во кој се тврди дека постои „двојазичен модел во Шведска и Финска“. Да, познато е дека уствана двојазичност функционира на целата територија во Финска, но да се тврди дека двојазичен модел постои и во соседна Шведска не може да биде ништо друго освен неточно и дефинитивно – погрешно. Неоспорен факт е дедка еинствен официјален јазик во службена употреба во Шведска, или како што се нарекува, главен јазик во државата, е шведскиот.

Во секој случај на мислење сме дека вреди повторно малку да се осврнеме на овој вид сооднос во доменот на двојазичноста, на кој преку примерот на состојбите во овие две скандинавски земји се сугерира во споменатата колумна на Љупчо Поповски. Авторот е веројатно во право кога констатира дека е големо прашање дали овие „скандинавски модели можат да бидат пример за една земја на Балканот како Македонија“. Нештата, се разбира, не би требало да се инсистира да се доведат во некаква поблиска корелација преку анализирање на можната директна применливост на скандинавските искуства во балканските конфликтни општества.

Оваа сензитивна проблематика, имајќи ја предвид длабоката поделност и острите спротивставувања во контекстот на усвојувањето на Законот за употребата на јазиците во македонското Собрание, всушност не отвора можности и не нуди патишта за некакви директни споредби што би можеле да функционираат на соодветен продуктивен начин, како од аспект на историскиот контекст, така и во однос на актуелните состојби.

Отпорите против јазичната доминација против шведскиот јазик во Финска, кој неретко го нарекуваат и „принуден шведски“, имаат длабоки корени во вековната заедничка шведско-финска историја. Од периодот на етаблирањето на власта на шведските кралеви во Финска, од средината на 13-тиот век, шведскиот станал доминантен јазик на благородништвото во рамки на администрацијата и образованието, додека финскиот бил пред се јазик на селаните и свештенството. Сепак, официјализирањето на уставната двојазичност се случува во 1922 година, значи, дури по осамостојувањето на Финска во 1917 година, каде што денес на 92 отсто од населението мајчин јазик им е фински, а шведскиот го зборуваат околу 5,6 отсто од финските граѓани.

Но без оглед на тоа што во Шведска недостасува широко разгранета двојазична инфраструктура каква што постори во Финска, во училиштата, во општинските и државните регионални институции каде што се користи шведскиот како службен јазик, напоредно со финскиот, во Финска сѐ уште може да се видат коментари на социјалните мрежи упатени кон припадниците на шведското малицинство: „Оди си таму каде што припаѓаш“. Но двојазичноста во Финска и понатаму функционира, како модел чија иднина на официјален план засега не е загрозена.

Од друга страна, Шведска имам избрано друг пат за својата јазична политика што битно се разликува од јазичната стварност во Финска. Во Шведска оштините не се поделени според мајчините јазици на населението, така што не постојат еднојазични и двојазични општини како во Финска. Сите општини во Шведска, без исклучок, се еднојазични, а и во сите општински и државни институции службен јазик на администрацијата е шведскиот. Од почетокот на 2000-тите години Шведска спроведува поактивна малцинска политика со чинот на ратификување на рамковната конвенција на Европскиот совет за основните права на националните малцинства. Но поради наводите во повеќе извештаии во кои е укажано на тврдиот пристап на шведскиот „јазичен национализам“ во спроведувањето на јазичната практика во духот на спомената конвенција, шведската Влада доби критика од Европскиот совет. Тоа резултираше со воведување на засилено законодоавство во областа на употребата на петте официјални малцински јазици во Шведска, меѓу кои е и финскиот.

Денеска се заговараат мерки за ревитализација на финскиот и меанкиели, особено меѓу помладите генерации со финско потекло во Шведска кои во процесот на културна асимилација го имаат речиси целосно изгубено контактот со овие два малцински јазика. Кога сме веќе кај фактите, во 10-милионската Шведска живеаст околу 700.000 жители со фински корени, но околу 25 отсто од нив се фински Швеѓани. Од останиот дел, според истражувањата на значајни фински авторитети, само околу 200.000 успеале да воспостават поактивно користење на финскиот јазик. А според последните статистички податоци, лани само околу 8.900 ученици во основните училишта во Шведска се пријавиле за дополнителна настава по фински мајчин јазик, иако оваа бројка реално би можела да биде и десетина пати поголема. Но асимилацијата го прави своето. Денес е се помал бројот на деца кои активно зборуваат фински јазик во своите семејства во Шведска, а настава на фински во шведските училишта се одобрува само на ученици кои располагаат со основни знаења и до исзвесен степен го говорат својот мајчин јазик. Истите претпоставки важат и за децата од, на пример, македонско или грчко потекло во Шведска, чии родители ги пријавуваат на наставата по мајчин јазик (еден час неделно вон редовните часови). Состојбите не се подобри ниту кога станува збор за фински училишта во Шведска, кои ги има само седум на број во целата земја, но во нив 50 отсто од наставата мора да се одвива на шведски јазик.
Нема никакво сомнение дека Шведска и Финска имаат два сосем различни јазични модела, без оглед дали се прават обиди некои нивни карактеристи од дневно-политички и прагаматичен аспект да се подведат под заеднички именител.

Меѓусебните јазични „глодања“ имаат свој континуитет во историски контекст. Но многу поважен е фактот дека врските и соработака меѓу двете земји денес се мошне силни, со јасен взаемен интерес за нивно натамошно продлабочување. Компаниите во финска сопственост во Шведска вработуваат 60.000 Швеѓани, а исто толку фински работници работат во Шведски претпријатија во Финска. Соработката меѓу владите и институциите меѓу двете земји се одвива константно и интензивно, и тоа не само билатерално, туку и во поширокиот контекст на ЕУ, и покрај „јазичните предрасуди“ меѓу два национални јазика од две различни јазични групи кои немаат речиси никакви меѓусебни сличности.

Повеќе значајни чекори напред во шведско-финската соработка се направени и во областа на надворешната и одбранбената политика, така што шефовите на дипломатиите од двете земји сега често патуваат заедно, како, на пример, при минатодгоишната заедничка посета на Србија и Македонија.

Ангажман околу една таква позитивна билатерлана и мултилатерлана политичка агенда, што наоѓа начини да ги надминува јазичните проблеми и конфликти, во регионот на Балканот засега е само на повидок – иако сѐ уште длабоко во темниот простор на националната исклучовист и етничката хомогенизација.
Ивица Челиковиќ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...