Прошетајте по кејот на реката кон центарот на Скопје, главниот град на Република Македонија, и брзо ќе се најдете меѓу сјајни, неокласицистички згради, полни со орнаментирани колонади со нимфи на покривот. Зградите не беа таму пред пет години.
Ова е само дел од репортажата која британскиот весник „Гардијан“ ја објави уште во 2015-та со наслов „Како Скопје стана новиот главен град на кичот во Европа“.
Неокласицистичките згради кои, како што пишува „Гардијан“, не беа таму, го направија центарот на градот непрепознатлив и за жителите на Скопје во споредба со она како изгледаше пред да почне да никнува проектот „Скопје 2014“.
Скопјани успеаја да сочуваат барем едно нешто кое на повозрасните им ги враќа и чува спомените од минатото, а на младите им пренесува барем дел од духот на, како што често знаат да го наречат, старото Скопје. Го спасија Градскиот трговски центар (ГТЦ) од барок. Летото 2013-та започнаа серијата настани „Го сакам ГТЦ“ организирани од истоимената граѓанска иницијатива, се одржуваа протести, се собираа потписи за петиција, се „гушкаше“ ГТЦ…
„Го сакам ГТЦ“ е една од ретките позитивни примери кога желбата на граѓаните ја надвладеа волјата на власта.
Власта, централната, а пред сѐ, локалната треба и е должна да го почувствува и почитува пулсот на граѓанскиот интерес. Граѓаните, пак, го имаат целосното легитимно право да влијаат на одлуките на локалната самоуправа, да бараат отчет и да бидат дел од оние кои ќе одлучат кои ќе бидат приоритетите при трошењето на буџетските, на нивните пари. Меѓутоа, праксата покажува дека најчесто не е така.
Поголемо учество и контрола од страна на граѓаните во работата на властите, односно на јавната администрација е она што го бара и Европската Унија(ЕУ) и она кое очекува да биде испорачано со реформските процеси. Токму како дел од тие активности во текот на минатата година Форум ЦСИД го спроведе проектот „Зајакнување на влијанието на граѓаните при одредување на приоритетите на единиците на локалната самоуправа (ЕЛС)“ во рамки на WeBER (Проект за креирање на овозможувачка околина во земјите од Западен Балкан за мониторинг на реформите на јавна администрација од страна на граѓанско општество) финансиран од ЕУ.
Реакциите од граѓаните доаѓаат пост-фестум
„Застојот во спроведувањето на реформите и закочената децентрализација, недефинираниот статус на месната самоуправа, како и лошите и непрецизни решенија за можностите граѓаните непосредно да влијаат на одлуките на локалната администрација кои задираат директно во нивниот живот и егзистенција, им овозможува на општините и на локалната администрација да ја задржат преголемата моќ и надлежностите и често нетранспарентно да донесуваат одлуки кои се оддалечени од вистинските потреби и желби на граѓаните“, се дел од заклучоците кои беа констатирани за тоа зошто во пракса граѓаните (не)успеваат да влијаат во носењето на одлуките на локалните власти.
Нетранспарентното носење одлуки, како што беше констатирано во рамки на проектот, најчесто е поврзано со градежните активности и промените на Детално урбанистичките планови (ДУП), како и со тоа каде и за што ќе се трошат парите од буџетот, парите на граѓаните.
Една од главните причини зошто е тоа така се преголемите партиски влијанија врз членовите на советите на локалните самоуправи, па така често како приоритетни се реализираат идеите кои се далеку од вистинските потреби на граѓаните, а одлуките се носат нетранспарентно, без јавна расправа и без учество на невладините организации, месните заедници, бизнис секторот…
Поради ваквиот начин на носење на одлуките, често и граѓанските реакции доаѓаа доцна. Како што констатираат од Форум ЦСИД, наместо реакциите да бидат пред да се донесе некоја одлука и пред да се потрошат парите, тие најчесто доаѓаат пост-фестум односно кога штетата е веќе направена.
ДУП-от ја испровоцира иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“
Реакциите и револтот кај граѓаните и невладиниот сектор во пракса се покажа дека посебно доаѓа до израз кога е во прашање токму носењето на ДУП-овите. Анализата на ДУП-от на Општина Центар беше и она кое во 2015 година ги испровоцира жителите на Центар кои живеат во Дебар Маало да ја покренат иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“. Ја покренале откако забележале големи неправилности и единствената цел, велат од иницијативата, им била да го унапредат квалитетот на животот во маалото и градот. Граѓаните тогаш започнаа со иницирање на што е можно поголем број на жители да поднесат анкетни ливчиња со конкретни предлози за стопирање на повеќе предвидени градби во ДУП-от во веќе преизграденото маало.
Жителите тогаш успеаја да издејствуваат да се продолжи рокот за поднесување на анкетни ливчиња и се стопираше донесувањето на Планот, но како што посочуваат, тука и застанала соработката, без конкретна гаранција дека ќе бидат корегирани сите сериозни забелешки кои ги дале и образложиле.
– Во почетокот декларативно наидовме на отворена соработка со претходниот градоначалник, која беше најавувано дека ќе продолжи континуирано да трае. Јавно потпишавме и меморандум за соработка. На наше големо разочарување, соработката не продолжи онака како што очекувавме. Беа игнорирани нашите барања за средби и конкретни мерки што ги предлагавме иако уредно беа доставувани до Општината. Дававме конкретни предлози како да се среди урбаниот хаос, како да се пристапи кон решавање на сообраќајниот метеж, како да се подобри хигиената, како да се подобри безбедноста – велат од Иницијативата.
Граѓанските активности во рамки на оваа иницијатива сè уште траат. Лани пред локалните избори тие ја подготвија платформата „Здравјето пред профитот“ чија цел е да доведе до поквалитетен живот и која дава план како да се сопре урбанистичкото и еколошкото дивеење во Општината. Единствена партија која прифати дијалог и ја прифати платформата беше СДСМ која им отстапи место носител на кандидатската листа за советници, а по победата, носителката на листата Јана Белчева Андреевска беше избрана и за претседателка на Советот на Општина Центар.
– Дел од луѓето останаа да се залагаат за првичната наша идеја – одбрана на Дебар Маало, а дел се посветивме веќе на реализација на платформата „Здравјето пред профитот“, сега веќе проширено на целата територија на Општината. Борбата за подобрување на условите за живот за граѓаните ни остана иста. Сѐ уште мислиме дека промените се случуваат бавно, но имаме верба дека сега кога имаме претставник во Советот, ќе имаме повеќе увид во состојбите и ќе се обидеме повеќе да влијаеме на реализација на точките од платформата – велат од „Во одбрана на Дебар Маало“.
Од оваа иницијатива посочуваат дека граѓаните мора да влијаат врз политиките и одлуките на локалната власт, а тоа влијание, велат, се докажало и со добивањето на големиот број гласови на советничката листа на која тие имаа свој претставник.
– Најдобриот механизам е активното учество на граѓаните во донесувањето на одлуките и постојаниот мониторинг и притисок врз општината за да се реализира тоа што е ставено во 43 точки на платформата „Здравјето пред профитот“. Засега навистина ја има будноста на голем дел од граѓаните кои нудат многу предлози за промена. Се разбира добронамерно ги доживуваме и критиките, и различните гледишта за нашата работа, сѐ во правец на истата цел – да ги поместиме работите на подобро – заклучуваат од Иницијативата.
Обучен кадар за влијание врз локалната власт
Обучени се претставници на месни заедници, невладини организации и локални бизнис заедници за нивните можности и алатки како да влијаат врз одредувањето на приоритетите при трошењето на јавните пари и да ја контролират нивнате реализација.
Исто така, изготвен е и прирачник со препораки, кој треба да послужи како трајна алатка за вклучување на цивилниот сектор, економската заедница, НВО, месни и урбани заедници во процесот на одлучување при трошењето на буџетските пари на граѓаните и во одредување на приоритетите и развојните планови во локалната самоуправа.
Целта на овој проект е да се воспостави врска и да се подигне капацитетот на граѓанскиот сектор, месните и урбаните заедници и медиумите и тие да влијаат единиците на локалната самоуправа да станат простор за иницијативи и активизам каде граѓаните заеднички и транспарентно со локалната администрација ќе ја дефинираат политиката на развојот и трошењето на јавните пари и заеднички ќе решаваат кои се најгорливите прашања на локалната заедница кои треба приоритетно да се решават.
Овој текст е изработен во рамки на проектот „Зајакнување на влијанието на граѓаните при одредување на приоритетите на ЕЛС“ на Форум ЦСИД, поддржан од проектот WeBer – Проект за креирање на овозможувачка околина во земјите од Западен Балкан за мониторинг на реформите на јавната администрација од страна на граѓанското општество, финансиран од ЕУ.