ДУИ се „омрси“ со 27 нови директори, повеќето „рециклирани“

Според неофицијалните информации, дел од избраните и досега биле на овие функции како вршители на должност, а додека другите се дел од партискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ за распределба на директорките функции што досега не е реализиран.

2796
20150602 Tuesday 1450 przino liderska sredba ahmeti

Владата на Република Македонија на својата 56. седница именува 27 директори и заменици од редовите на ДУИ, за што јавноста беше информирана преку објава на Фејсбук од страна на вицепремиерот Хазби Лика. Од Владата велат дека сите назначени функционери се избрани на конкурс.

Според неофицијалните информации, дел од избраните и досега биле на овие функции како вршители на должност, а додека другите се дел од партискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ за распределба на директорките функции што досега не е реализиран.

Познатиот партиски функционер на ДУИ, Рафис Алити, ќе биде нов директор на АД „ГА-МА, компанија во мешовита сопственост која се занимава со пренос на гас. Искуство во оваа област нема, но затоа бил пратеник во три мандати. Тој има речиси 60 години, а од образование завршил гимназија Зеф Љуш Марку, како и Факултет за физичка култура во Приштина на Косово.

Конечно директор доби Управата за водење матични книги, која два месеци беше оставена без прв човек, што значително се одрази на квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните. Нов директор е Бујар Дардишта, кој на јавноста ѝ е познат како адвокат на обвинетите во случајот „Диво Насеље“.

Иако во информацијата стои дека за директор на Центарот за управување со кризи е Агрон Буџаку, всушност тој ја води оваа институција од 2016 година, а сега, од вршител на должност е назначен за директор. Иста е и ситуацијата со Екрем Буњаки, кој го води Државен инспекторат за техничка инспекција.

Државниот инспекторат за животна средина ќе го води Фејзула Спахија, Државниот инспекторат за транспорт – Руфат Хусеин, Државниот инспекторат за шумарство и ловство – Ејуп Јахја, Биро за метрологија – Мерита Мустафаи, Биро за регионален развој – Рамиз Реџепи, Агенција за стоковни резерви – Рези Абдурахмани, Канцеларија за државна индустриска сопственост – Сафет Емрули, Дирекција за задолжителни нафтени резерви – Улуси Беќири, Агенција за поддршка на развојот на земјоделството – Елгафар Јусуфи, Академија за наставници – Амир Зилбеари, Биро за правна експертиза – Валде Џафери, Биро за јавни набавки – Бардил Насуфи, Агенција за странски инвестиции – Вулнет Адеми.

За заменикдиректор на Дирекција за заштита и спасување е назначен Екрем Зендели, а за заменик-директор на Дирекција за индустриски технолошки развојни зони е Асип Усенини. Муса Ибрахими е заменикдиректор во Катастарска агенција. Во Тело за ревизија на ИПА, заменикглавен ревизор е Лиман Музахири.

ДИУ доби и четворица заменицидиректори во затворите, во Идризово – Феми Јонузи, Затвор „Скопје – Садуш Арифи и Затвор „Куманово – Мевлан Џемаили и Затвор „Тетово, Мурат Рамадани.

Во јавните акционерски претпријатија исто така се назначени неколку директори, АД „Македонски енергетски ресурси – Бајрам Реџепи, а во АД „Управување со водите на Македонија поранешниот актикорупционер Илми Селами.

Конкурсот на кој аплицирале лицата бил објавен пред еден месец, вели владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

– Кадровската комисија на Владата на РМ ги разгледала апликациите и донела одлука, која вчера е усвоена на 56. седница – вели Бошњаковски.

На прашањето зошто имињата на избраните функционери не се објавуваат во соопштенијата од Владата, тој вели дека таква била практиката.

Засега непополнети остануваат и дел од државните фотелји што ги имаше Алијансата на Албанците. Владиниот портпарол не дава информација кога овие позициите ќе се пополнат или ќе се чека реконструкција на владата за евентуално Алијансата да не стане повторно дел од владејачкото мнозинство.

Мими Шушлеска Петкова, „Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...