Државата ќе финансира ресоцијализација на зависници во Струмица

213

Терапевтската заедница „Покров“ во село Баница во близина на Струмица е пример како преку развој на социјална услуга може да се придонесе и кон развој на економијата во една локална заедница. Посетата на терапевтската заедница и Здружението „Избор“ има за цел да ја покаже серизноста со која се пристапува за зголемување на квалитетот на лекувањето на зависниците.

Ова денеска го истакнаа министрите за труд и социјална политика и за здравство, Мила Царовска и Венко Филипче кои заедно со постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации во Македонија, Луиза Винтон, ја посетија терапевтската заедница „Покров“.

Раководителот на заедницата и претседател на Здружението „Избор“, Сократ Манчев, истакна дека во изминативе дваесет години, колку што постои организацијата и при тоа работат на лекување, третман и ресоцијализација на лицата со зависност, не се случила толку голема поддршка од државата.

– Пред неколку денови склучивме договор со Министерството за здравство за превентивните програми, а на два пати користевме програми за вработување, кои за прв пат можеа да ги користат невладините организации. Со Министерството за труд и социјална политика договараме да бидат финансирани 32 лица во програмата за рехабилитација и ресоцијализација. Затоа можам слободно да кажам дека толку голема и силна поддршка на државно ниво во овие 20 години јас не паметам – рече Манчев.

Царовска изрази надеж дека и другите локални самоуправи ќе го препознаат овој модел и ќе го развиваат во своите заедници.

– Како Министерство за труд и социјална политика го препознавме овој модел и во Оперативниот план и за 2017 и за 2018 година предвидена е мерка субвенционирање на плати, каде што даваме 19 илјади денари за вработување на одредени ранливи или тешко вработливи групи на граѓани. Со тоа, за 12 месеци работодавачите можат да добијат повеќе од 228 илјади денари за едно лице и очекуваме со ова мерка да се опфатат над 520 лица – рече министерката Царовска.

Министерот Филипче посочи дека во текот на минатата недела со Организацијата „Избор“ потпишале договор за државно финансирање на програмите за превенција, со што државата ја презеде финансиската обврска која што досега била поддржувана од Глобалниот фонд, кој оваа година се повлече од нашата земја.

– Ние во таа смисла сме лидери во регионот, бидејќи сме прва земја која со националниот буџет го презема финансирањето на превентивните програми од ХИВ – рече Филипче.

Додаде дека важно е да се истакне важноста на интерсекторскиот пристап, бидејќи како Министерство за здравство сериозно работат на подобрување на квалитетот на лекување на зависниците, а Министерството за труд и социјална политика работи на нивна ресоцијализација.

Винтон рече дека од минатата година УНДП имал можност да дава подршка на овој проект заедно со Министерството за труд и социјална политика.

– Ова е извонреден пример како може да соработува цивилното општество со други партнери во отворањето на нови работни места, во развојот на претприемништвото и во развивањето на органското земјоделство. Со нетрпение очекуваме тоа што го видовме тука во партнерство со Министерството за труд и социјална политика, да го пренесеме и на други места – истакна Винтон.

Инаку, гостите беа пречекани со производи од Терапевтската заедница „Покров“, а се запознаа со условите за престој и работа на сегашните 15 лица, кои се лекуваат од зависности преку програмите на социјалното претприемништво.

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...