Водостојот на карловачкото подрачје и во Хрватска Костајница и понатаму расте, јавуваат хрватски медиуми.
Во Хрватска Костајница и во Јасеновац е прогласена вонредна состојба.
– Ситуацијата во Хрватска Костајница е драматична. Подземните води пробиле во зградата на судот од каде се испумпува вода, а лоша вест е и што во еден момент почнало да врне дожд – јави Н1.
Во Хрватска Костајница урнати се десетина куќи, а евакуирани се луѓе од уште десетина, јави ХРТ.
Водостојот на реката Уна надмина 450 сантиметри.
– За среќа, според првични информации во овој момент нема човечки жртви ниту сериозни повреди – изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и истакна дека на луѓето ќе им се обезбеди сместување и помош при обнова на куќите.
Тој додаде дека главни причини за одроните се големите количини снег што во изминатите денови паднале во Хрватска Костајница и со брзото топење е предизвикано големо лизгање на земјиште.