Возбудени и вознемирени од процесот на преговори за името на државата, некако како да заборавивме зошто претходната власт си замина. Имам некое чудно чувство дека политичката елита некако како намерно и со умисла ни ги пумпа емоциите околу овој процес со решавањето на спорот со соседна Грција. Оние стари жаришта на некои структури се вклучија со полна пареа и оваа емоционална тема ја користат за идеална димна завеса за процесите кои течат внатре во државата. Не би го коментирал во ова излагање прегрупирањето на капиталот и онаа стара тактика за враќање кусур кон новите сили на денот. Тоа ќе го образложам во следна прилика, затоа што тој процес за заграбување на клучни економски моменти тече со забрзано темпо.
Претходната власт си замина и ѝ беше пресудено од граѓаните поради недостигот на правда и правичност, поради лошото менаџирање со јавните средства, особено оној дел од инвестициите во некои парадоксални решенија од проектот „Скопје 2014“, поради узурпирањето на медиумите, манипулациите во информирањето на граѓаните и суспендирањето на слободата на говор, поради претрупувањето на администрацијата со партиски јуришници, поради катастрофалните услови во здравството, неуспесите во образованието итн., но и поради катастрофалната надворешна политика. Ако слободно може да се констатира дека напорите во водењето на надворешната политика даваат видни резултати и тука нема како да не се одбележи улогата на министерот за надворешни работи, но и напорот на премиерот и целата Влада во таа насока, некако имам чувство дека заборавија на внатрешната политика. Што се случи со реформата во судството и зошто не е започната?
Всушност, колку од граѓаните на нашата земја знаат кој е министерот за правда и која е стратегијата на Владата за реформите во овој сектор?
Какви законски решенија се изготвени и до кога за проблемите кои се пред нас, а не сакаме да ги решаваме, ќе формираме комисии? До каде сме со извршителите, нотарите и безобразлукот кој се врши? Што направивме со измените на тие правила и до кога граѓаните ќе бидат малтретирани и буквално соголувани од овие паразитски практики. Починатите новороденчиња ги броиме како да се статистика на произведени домати?! Зарем кога ќе чуете или прочитате вест за починато дете не ви затреперува душата?! До кога ќе ги замајувате граѓаните со играта качи го симни го Ќосето, галиите ваму, галиите таму, орелот, портата или воинот на коњ?
Доста е! Ја претеравте! Додека си пиете кафе со лидерот на „опозицијата“ за што разговарате? За евро-атлантската интеграција, за реформите во правосудството, за промена на правилата околу извршителите, за промени во изборниот модел, за ужасните услови во здравството, за образованието без визија или за тоа да седат мирни и да не ви сметаат, да го бомбардираат општеството со бесмислени пресови и да глумат опозиција? А која е цената?
Цената е јасна, нереформирано судство и некој ќе си помине сув низ реката, а ние знаеме кој е тој. Па како ќе го реформирате судството вие, кога 26 години и едните та и другите го осакативте. Вие назначувавте судски совети, судии, јавни обвинители итн. Вие господо ги напишавте, изгласавте и имплементиравте правилата по кои работат извршителите. Вие создадовте ваков здравствен и образовен систем. Затоа ние од ГДУ велиме доста го браневте-продававте името, ајде да си ги одбраниме сограѓаните. А тие страдаат од системот што вие за овој четврт век им го наметнавте. Овој систем кој мора да се смени, реформира и модернизира. Никој од вас не очекува да измислите топла вода во 21 век. Сѐ е измислено и многу добро функционира во Германија, Франција, Холандија итн. Од вас очекуваме да го адаптирате и да го имплементирате и ако не го направите вие, ќе го направиме ние.
(Авторот е член на Иницијативниот комитет на ГДУ)