Не знам колку фајда кај нас има ако човек наведува што и како мислат експертите за процесот на децентрализацијата. Нам обично тоа ништо не ни значи, ние во принцип не сакаме стручни луѓе зашто (главно) сите ќе (по)тврдат дека децентрализацијата е круцијалниот фактор за доброто владеење, односно дека „врската помеѓу успешната децентрализација и доброто владеење е многу висока“ (Richard Vengroff и H. Ben Salem), дека таа (децентрализацијата) е „важна институционална рамка што го подобрува владеењето кај нациите во развој“ (Jerry VanSant), дека таа значи „обезбедување повеќе центри на партиципација во одлучувањето“ (Robert Charlick) итн. Се разбира, стручните мислења нема да ни го ублажат процесот на културната децентрализација – тој кај нас нема да биде ни брз, ниту лесен. Примерот со директорот на Домот на културата во Гевгелија е жив пример како таа приказна може да се развлече во хумореска, но со трагични последици по локалната култура.
Човекот, ни мање ни више, го бара локалниот театар, иако кутриот не знае што да прави ни со тоа што го има, односно со Домот на културата. Ама знае дека му требаат – пари! И тоа многу. Што ли пустиот намислил да прави со нив? Најмалку пак мислам дека новата општинска власт била широкорака со 100те илјади денари што му ги доделила за годинава. (Јас, на пример, не би му дал ни денар!). Ама, кога човекот не знае ни со тие што да прави?
Оттука, најлесно во овој процес е да се опцуе централната власт, нејзината наводна неспособност или несакање да помогне таму каде што треба. И повторно велам, процесот на децентрализацијата е премногу важен за да се остави на некакви стихијни иницијативи, брзи и навидум лесни, уште помалку пак на луѓе кои само мислат дека нешто знаат. Ама тој процес мора да биде ефикасен, контролиран, стручно фундиран и – безмилосен. И со сета можна помош од „центарот“, се разбира, дури и на подолг рок. Но првата фаза мора да ја заврши самата „локална“ култура – таму каде што ја има – односно културните институции, какви-такви, и независниот културен сектор. Притисокот мора да доаѓа паралелно, од „центарот“ но и од внатре, при што тој од внатре може да биде многу поделотворен бидејќи (ќе) тендира да прерасне во експлозија на граѓанско незадоволство. А тоа никој од политичарите не го сака. Зашто, ако културните работници, колку и да се, секојдневно бидат присатни пред општинската политичка „елита“ со свои барања, ако на своја страна привлечат барем еден дел од граѓанството на кое што му треба театарска претстава, кино, концерт … и ако тоа се повторува од ден во ден, проследено и од локалните медиуми … никој не може да остане рамнодушен пред таков притисок! Впрочем, ако упорноста и масовноста на „Шарената револуција“ скрши еден цел солидно забетониран режим, белки и локалните „културни револуции“ можат да ги помрднат работите од мртва точка?
Едноставно е неверојатно дека во Македонија има толку сиромашна општина која што не може на своите жители да им приушти барем два-три културни настани во годината. Нека се и од мали размери, скромни, адаптибилни на секакви услови, често главно помогнати со волјата и парите на „центарот“ и неговите институции (кои што тоа мора да го имаат како приоритет во нивните програми!). Ако општинските власти бидат одбиени при една таква желба, што е речиси неверојатно, тогаш притисокот треба да се изврши во националните медиуми, Владата итн. И тоа е еден од првите репери што мора да ги демонстрира новата културна политика: дека се грижи за културниот развој на земјата, дека е подготвена да помогне таму каде што помошта е побарана, па и таму каде што не е побарана. Зашто, објективно, културните капацитети на дел од општинските „елити“ се на такво дереџе што тие никогаш нема да побараат културни активности за своите граѓани. И тоа мора да се има предвид и да се делува во таа насока. Едноставно – ќе им се нуди, сугерира, ќе се користат партиските притисоци и „наредби“ … се’ додека тоа не стане навика, процес, потреба.
И да, ги знам и негативните примери на културната децентрализација, кои што по правило се посочуваат кога ќе се спомне овој поим. На пример, искуствата од соседна Бугарија. И никој не вели дека и кај нас нема да има такви примери, или дека ние сме генерално имуни на истите. Прашањето е: дали умееме да учиме на туѓите грешки / искуства? И да не ги повторуваме? Иако, всушност, некои бројки токму за Бугарија кажуваат и различна приказна: дека во периодот 2000 – 2009 година државното финансирање во културата се намалило од 49,9% на 39,8%, што пак е компензирано со зголемено финансирање во општините од 49,6% на 60,2% (Tomova и Andreeva 2010). Но, сепак, и таму, ни Министерството за култура ниту пак општинските власти презеле сериозни реформи во насоката на подобрувањето на квалитетното финансирање и институционалното преструктуирање, што пак, во крајна инстанца, е резултат на некохерентна културна политика. И секако, лошите политики – на пример во театарската дејност со затворањето или спојувањето на театрите (што пак резултираше во големи протести!), или фактот дека министерот за култура можел да затвора општински културни институции итн. – произведуваат лоши состојби. Од друга страна, бројни експерти во Бугарија (Институтот за културологија, Диана Андреева, некои релевантни политички партии итн.) тврдат дека ова се должи на немањето национална стратегија во културата! Што не е случај кај нас, нели. Но, основното прашање останува: колку во праксата (ќе) го почитуваме тоа што сме го зацртале во стратегиите? Е тука – нема помош!
Но сепак, проблемот никогаш не лежи во една или две точки, иако тие можат да бидат носечки за проблемот. Во процесот на некоја замислена „успешна“ (прашање е и што под тоа подразбираме!?) децентрализација во културата, барем кај нас, еден од клучните фактори се / ќе бидат општинските власти. А тоа значи дека тие ќе мора да бидат континуирано подготвувани за тој процес, ако треба и обучувани, а не само натоварени со обврски кои што малку ги разбираат или, едноставно, не ги сакаат. Нивната неподготвеност во старт ја осудува на пропаст секоја иницијатива во културата, особено процесот на децентрализацијата.
извор: Теодосиевски уметност