Да се тврди дека „нападот“ врз Државната комисија за спречување на корупцијата била „оркестрирана работа“ и „притисок врз Комисијата“ (како што тврди нејзиниот претседател Игор Тантуровски) ја има истата точност како да се тврди дека млекото е бело, дека цигарите се штетни по здравјето, дека сонцето изгрева на исток или дека криминалот во Македонија сè уште се исплатува! Па, се разбира дека критиките и барањата за оставки на членовите на ДКСК се политички мотивирани и дека се оркестриран притисок, прашањето е зошто тоа не е направено неколку години или барем неколку месеци порано?
Нема потреба овде да се троши време и простор за повторување на ставовите и оценките за работата на ДКСК, откако само пред некој месец и официјално со Комисијата разменивме остри зборови на таа тема. Само не можам никако да се сетам против кои функционери од власта оваа Комисија покренала постапки во изминатите месеци и години? А ќе беше прекрасно да е така, мислам дека илјадници граѓани ќе излезеа на улица сега да ја бранат Комисијата од овие политички оркестрирани напади за нивна оставка.
Замислете, на пример, ДКСК да се одважеше и да влезеше во проверка на тоа како е стекнат имотот на партијата ВМРО-ДПМНЕ, зошто ни се толку скапи кинеските автопатишта, зошто на еден скопски локален градоначалник половина граѓани во општината му се обраќаа со „Добро утро, комшија“ (а сегашнава власт уште си молчи како здрвена) или има ли вистина (и евентуален корупциски аспект) за наводните непристојни врски во некои бизниси меѓу Заеви и Фамилијата?
Замислете да имавме таква антикорупциска државна комисија… Мислам дека Елон Маск ќе отвореше фабрика за вселенски летала во Македонија!
Вака, сентиментот во најголемиот дел од јавноста е токму спротивниот: не само што оставките се подразбираат, туку и апанажа да им се забрани! Во таква атмосфера не е ни чудо што некои од сегашните обвинувања и озборувања ќе бидат предимензионирани, заради долгите години на ултра-предимензионираното неработење на ова кога-би-се-зезале независно регулаторно тело.
Впрочем, слушнавме ли некаква реакција од ДКСК по повод најновото, за 2017 година, рангирање на Македонија на скалата за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл?
Од ДКСК, и според закон, се очекува превентивно, а не само консекутивно делување во областа на корупцијата. Тоа не може да биде семинарско-канцелариска работа на безимени државни бирократи кои со јавни пари само ги купуваат деновите за побрзо да поминат.
Овие, сегашниве членови на ДКСК имаат НУЛА кредибилитет во јавноста – нам ни треба нова Комисија која ќе помогне Македонија (а не само власта, која и да е) да почне да го менува менталитетот во однос на корупцијата. Ни треба Комисија која ќе отвори свои граѓански канцеларии барем во дваесетина македонски општини, која ќе држи конференции за печат и за прозивки два-три пати месечно, во која фотокопирите ќе прегоруваат на неделна основа, која ќе има директна цевка за комуникација со Јавното обвинителство, а нејзиниот претседател да ја добие „Златната Бубамара на популарноста“ со национална акламација!
Тоа е важно и заради нешто друго: да не може секој кој е на функција, кој располага со некаков државен фонд, кој распишал тендер или некој кој добил субвенција или дотација од државата да биде третиран како корумпиран по дефиниција, бидејќи тој вид на линч-правда („Фејсбук правда“) е подеднакво штетен за демократијата од немањето никаква правда.
Такашто, предлагам да се простиме ние од оваа ДКСК со песната „Зајди, зајди“, за да се зафатиме со избор на нови државни антикорупционери. Ете, половина од составот да се земе од некои од неодамнешните кандидати за јавен обвинител, другата половина од докажани антикорупционери од невладините организации. Тоа би бил ветувачки почеток на новата ера за борба против корупцијата во Македонија.
извор: Цивил медиа