Новото „крштевање“ на Еленовски во дипломатските води сериозо ги разбранува духовите. Некои велат, од партиски агол гледано, демонстрирал афинитети на „птица селица“. Слетувал во првото партиско гнездо, доколку тоа ги исполнувало неговите лични, не баш строги критериуми, гледано од идеолошки аспект. Стожерниот принцип бил содржан во удобноста.
Во случајов, неговите афинитети не се толку во прашање, колку што е реперот на Владата. Има ли таа изградено, или не, свои авторитетни стандарди за тоа, со колку карати треба да бидат личностите кои ќе се вовлечат во дипломатските фракови?
Тој факт посебно е значаен во ова време, кога се обидуваме на играчите од светската политичка сцена да им документираме дека ние, наспроти сите внатрешни шарлатании и надворешни хаварии во изминатиот децениски временски исечок, сепак правиме обиди за израснување во сериозен и одговорен државен субјект. Дека мината е фазата кога класичен пробисвет испративме за амбасадор на Петтиот континент, од кого се срамуваа Македонците населени на тој континент. А како првокласна дипломатска бламажа не доживуваше и земјата домаќин.
Или, незаборавен дипломатски циркуз беше потегот на македонското Министерство за надворешни работи, кога ординаре шалабајзер акредитира за конзул, не во главниот град на Тангањика, туку во американската престолнина. Во Вашингтон.
Проблемот со изборот на Еленовски, колку ја наметнува дилемата – дали тој, како профил, ги задоволува, би рекле, востановените нови, доколку ги има, вредносни критериуми за дипломат од така висок ранг, толку и ја провоцира размислата – зарем до таа мера е испостен, или разводнет нашиот национален кадровски репертоар?
Ние, кои сме играчи надвор од аут-линијата, може само да се тепаме со претпоставки и шпекулации за квалитетот на асортиманот што се нуди од кадровската кујна на власта. Но, кога ваков деликатен продукт сепак ќе се најде на менито, тогаш, наспроти хендикепот, што сме вон кругот од повиканите за дегустација, имаме право барем да го искажеме индивидуалниот суд за мирисот што допира до нас од тие кулинарски дипломатски пикантерии.
Изгледаат дека се небитни, рутински, а всшност се многу повеќе од „македонска салата“, која, би се рекло дека и на дипломатските „шветски маси“ во елитните салони, e единствениот наш бренд со признат квалитет. Од него, задолжително, не се срамуваме. А НАТО, е повеќе од „мaкедонска салата“. Таквите брендови не дозволуваат импровизации. Мешање на артиклите и процедурите според партиски или етнички вкусови.