Австрија е земја која е многу ангажирана и има голем интерес Балканот да оди напред, и е традиционален поддржувач на европските перспективи на регионот, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров по средбата со австриската министерка за Европа, интеграција и надворешни работи Карин Кнајсл.
– Со Австрија имаме многу значајни, блиски и пријателски односи. Имаме блиска соработка во однос на граничното управување, при што австриски полицајци им помагаат на нашите полицајци од 2015-2016 година досега – рече Димитров.
Посочи дека Македонија и Австрија имаат и плодна економска соработка, при што австриските компании се едни од најголемите инвеститори во Македонија, на што се надоврзува и солидната трговска размена.
– Ја информирав министерката за агендата дома и надвор, и можам да сублимирам дека настојуваме да биде многу тешко особено на нашите соседи во регионот, да имаат проблеми со нас – оцени Димитров.
Кнајсл оддаде признание на македонските власти за напредокот што го постигнала земјата и рече оти Македонија продолжува понатаму, присутна е и ја покажува својата стабилност.
– Времињата во регионот беа многу турбулентни, но убедена сум дека вашата држава успешно ќе најде мирни води – рече Кнајсл, додавајќи дека билатералната соработка меѓу двете земји е одлична.
Посочи и дека Австрија ќе испрати контингент од 20 полициски службеници на располагање во рамки на техничката соработка.
Истакна дека за неа Западен Балкан е само термин што беше составен, а овој регион е Југоисточна Европа.
– Скопје, Белград, Сараево се европски градови, Западен Балкан е географски термин што беше составен, но за мене терминот Југоисточна Европа е оној термин што посочува многу повеќе и покажува дека ние сме во Европа – додаде Кнајсл.
Австриската министерка посочи дека Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан е важен момент за при приближување на регионот кон ЕУ.
– Сега сме 15 години по самитот во Солун. Има нова динамика што треба да се искористи, меѓудругото има потреба од реализација на различни реформи, но Македонија е на вистинскиот пат, тоа го покажа со договорот за добрососедство со Бугарија, и дека билатералните проблеми можат да се решат, посебно да се постават на едно ново ниво и го почитуваме тоа како држава – наведе Кнајсл.
Додаде дека Австрија знае дека овој регион има големо значење за стабилноста и на самата Европска унија.
Фото: МИА