Од сите овие најнови вербални искричења на релација дијаспора-Македонија, само се потврдува старата вистина дека меѓу себе недоволно се познаваме. Се оддалечуваме. Оттаму и во сите овие бош престрелки од едната и другата барикада, се проектираме, како да станува збор за противнички табори, а не за два еднородни и нераскинливо врзани сегменти од едно исто национално ткиво.
Ако сакаме да бидеме објективни, мора да ѝ погледнеме на жалната вистина в очи. Колку и да е таа непријатна и болна. Треба да потсетиме на фактот дека во текот на последните две децении, се случи тотален распад на некогаш востановените комуникациски канали, кои беа некој вид мостови, меѓу родната грутка и оние што заминаа од неа, но, што е апсолутна вистина, не фрлија камен по неа.
Најнапред, со исклучително вандалски методи, во времето на владеењето на некогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, беше изведен чинот на ликвидација на Матицата на иселениците од Македонија, која во 1951 година, по иницијатива на група видни иселеници во Америка и Канада, беше конституирана како заеднички дом на расселените по туѓинските меридијани од сите нејзини етнички делови. Како нејзина замена се формира Министерство за иселеништво, кое откако набргу се покажа како крајно нефункционално и депласирано, но и како туѓо тело за Македонците во туѓина, се трансформира во Агенција, која исто така не израсна во адекватна замена за Матицата.
Матицата, наспроти нејзините повремени пројави на слабости, главно во сферата на квалитетот на кадровската екипираност, ја имаше функцијата на некој вид национален сервис, кој на нашинците во Австралија, Канада, Америка и во земјите на Стариот континент им испраќаше учители и училишни помагала за дополнителната настава по мајчин јазик за нивните деца. Ја издаваше и дистрибуираше до нивните домови Илустрираната ревија „Македонија“, која беше вестоносец, но и буквар, од кој многумина учеа да читаат и да пишуваат на македонски јазик. Ги хранеше со материјал триесетината радио часови на македонски, кои се емитуваа во Перт, Аделаид, Мелбурн, Сиднеј, Камбера, Торонто, Њу Џерси, Чикаго, Детроид… Младите фолклористи од културните центри преку големите води ги опремуваше со неопходниот фолклорен материјал, испрачајќи им и инструктори, преку кои децата на нашинците ги совладуваа виртуозностите од фолклорот на нивните претци.
Само во текот на една година, во шест прекуокеански градови, за децата на Македонците испрати по една библиотека со по пет илјади наслови од дела на македонски јазик. Беше востановена годишна награда за најдобро поетско остварување на автор кој твори во дијаспората, а се доделуваше во рамките на Струшките вечери на поезијата… Во земјата на нивните претци, за Македончињата од туѓина се организираа летни курсеви за изучување на мајчиниот јазик.
Беспредметни, та дури некоректни и навредливи се сите оние огнени стрели кои им ги упатуваме на нашите преку големите води, со депласирани етикетирања, за божемна нивна национална отуѓеност. За дефектен патриотизам. За замрени чувства кон Татковината… За виртуелен егоизам. За индиферентност кон нашите внатрешни проблеми и нивните рефлексии на меѓународен план.
Да бидеме објективни, по распадот на ЈУ-системот, дијаспората, некои болни партиски витези, поитаа меѓу Македонците во дијаспората да го посеат вирусот на домашните антагонизми. Да се вградуваат во тамошното ткиво, со сиот свој багаж од налудничави илузии. Да организираат ешалони од комити и фаланги. Да промовираат војводи, во духот на одамна надраснати идеали, неспоиви со македонската сегашна реалност. Да ги дистрибуираат и вбризгуваат отровите на меѓупартиското и меѓуетничкото ривалство, исцртуваќи му на Македонецот во прекокеанските светови мегаломански и до ступидни размери болни визии за Македонија во некои нови, виртуелни државни рамки. Сликата на апсурдот не ќе е потполна, доколку кон сето ова не ја додадеме и нашата дефектна дипломатија, инсталирана во многу од земјите каде што пристан најдоа македонските печалбари.
Што ѝ даваат и што може да ѝ дадат македонските иселеници на својата родна земја, освен безграничната љубов. Освен неизмерниот печал по неа. Нив, не ги барајте во елитните квартови на западните мегалополиси. На прстите од едната рака ќе ги изброите Македонците милионери. Колку за показ, во најголемата железарница во континентот на кенгурите, во еден период, од 23.000 работници, тринаесет илјади беа Македонци. И такви, какви што беа, во Илавара создадоа Македонски народен театар, во Сиднеј и Мелбурн, македонски литературни друштва. Подигнаа 23 црковни храмови и два манастира. За и во тие далечини, да ја имаат нивната Македонија. Да нѐ имаат и нас, нивните роднини и блиски, покрај себе, ако сакате!