Дидје Дешан: Среќен сум што сум дел од наградените со „Менада“

Би сакал да го запознаам танцот во Македонија, особено благодарение на фестивалот, и да може да изградиме размени и партнерства во иднина.

256

Извонредниот францускиот танчер и корегораф, Дидје Дешан, актуелен директор на Националниот театар Шајо во Париз, е годинашен добитник на наградата за врвни достигнувања во областа на танцот „Менада“ за 2018 година, што ја доделува фестивалот Танц фест, која ќе му биде врачена утре вечер во 20 часот во Македонскиот народен театар.

Со ова ќе се одбележи почетокот на годинешниот Фестивал на кој ќе учествуваат исклучителни уметници и компании од Франција, Швајцарија, Словенија, Австрија, Латвија, Литванија, Чешка, Полска, Унгарија, Словачка и од Македонија.

Дешан е француски танчер, кореограф и педагог, роден во 1954 година во Лион. Студира танц во Лион, во класата на Мишел Але Егајан, а потоа во Париз во Меѓународниот центар за танц, како и во Њујорк, во рамките на студиото на Мерс Канингам. Дешан настапува во извонредни национални и меѓународни танцови компании како компанијата на Режина Шопино, а од 1972 година во Соединетите Држави во Хаваи Денс Театар – групата на прославените Хозе Лимон и Дорис Хемфри. Придонесувајќи во развојот на новиот француски танц тој создава сопствена танцова компанија и кореографија, особено за Режина Шопино, Националниот центар за современ танц во Анже, Високиот национален конзерваториум за музика и танц во Лион, и за различни танцови компании во Копенхаген и Лондон.

Паралелно на тоа, Дешан се посветува на наставата по танц и интервенира во многубројни компании како онаа на Режина Шопино, во Менажри де Вер во Париз, а потоа во странство, пред да биде назначен во 1983 година за директор на студиите во Националниот центар за современ танц во Анже, кој тогаш бил под раководство на Виола Фарбер. Од 1984 до 1990 година, во текот на шест години, тој станува директор на одделот за кореографски студии на Високиот национален конзерваториум за музика и танц во Лион. На 1 јули 2000 година тој е назначен за директор на Националниот кореографски центар – Балет Лорен, по Пјер Лакот кој го управувал овој центар од 1991 година. Во јули 2011 година е назначен за директор на Националниот театар Шајо.

Дешан е назначен за офицер на Националниот ред на заслуги, командант од Редот на уметностите и книжевноста и Витез на Легијата на честа.

Господине Дешан, ја примивте наградата за врвни достигнувања во областа на танцот „Менада“ за 2018 година. Пред Вас, оваа награда отиде во рацете на рускиот балетан и кореограф Владимир Васиљев и холандскиот балетан и кореограф Хан ван Манен. Како се чувствувате во однос на добивањето на оваа награда?

– Особено сум почестен и горд што ја добив наградата „Менада“. Тоа за мене претставува меѓународно признание и одликување за моето делување и посветеност на развојот на танцот, особено во Франција, но исто така и на меѓународно ниво. Среќен сум што сум дел од листата на многу големи личности, како еминентните Владимир Васиљев и Ханс ван Манен, на кои им се восхитувам.

Оваа награда е наменета за Вашата посветеност во развојот на танцот и поставувањето на танцот на едно повисоко уметничко рамниште. Придонесовте и во развојот на новиот француски танц. Како го коментирате францускиот танц денес? Со какви предизвици се соочувате?

– Мислам дека полето на танцот, имено во Франција, е многу разновидно, со повеќе креативни пристапи, како на ниво на формата (современ, класичен или неокласичен, хип хоп, изведувачки…), така и на ниво на танчерите (независни компании, колективи, национални кореографски центри, балети…). Во тоа се сочинува неговото богатство.

На естетски план увидов нов интерес за кореографските пристапи кои во суштина се засноваат на движењето на телото во просторот, што лично го претпочитам, наспроти концептуалните пропозиции кои понекогаш се квалификуваат како „не-танц“.

Еден од трендовите претставува исто така мешавина од различни техники и другите уметнички дисциплини (визуелни уметности, видео, нови технологии, театар…). Еден од предизвиците за мене е да претставам што е можно поширок спектар на кореографската сцена и да ги поддржам уметниците во нивниот пристап.

Вие сте директор на Националниот театар Шајо. Со какви очекувања со соочувате и која е Вашата лична мисија во срцето на модерниот танц во Париз?

– Како директор на единствениот национален театар на танцот кој располага со две сцени (една сала со 1.200 седишта и втора, black box, со 400 седишта) се обидувам да претставам многу различни претстави што се однесува до естетика и формати кои ги имаат предвид кореографските пристапи како на француски така и на странски уметници. Околу дваесетина компании од четириесет доаѓаат секоја сезона.

Од друга страна, пак, една од моите главни мисии е да им помагам и да ги поддржувам уметниците преку продукција и копродукција на креациите, а исто така и преку воспоставувањето на повеќегодишни диспозитиви на здружени уметници (шест годишно во текот на три години) и на „фабрики“, шестнеделни резиденции за околу шест компании годишно.

Од друга страна, пак, развивам бројни програми за подигање на свесноста и за обука на најразновидна публика, а особено онаа која е најоддалечена од културата.

Имавте ли можност да се запознаете со македонската танц сцена и дали планирате да соработувате со македонските танцови уметници во влиска иднина?

Признавам и жалам што сè уште не го познавам доволно танцот во Македонија. Би сакал да го запознаам, особено благодарение на фестивалот, и да може да изградиме размени и партнерства во иднина.

Има ли танцот светла иднина во Македонија, Франција и во целиот свет? Според Вас, кој стил ќе преовлада?

– Убеден сум дека танцот претставува универзална уметност и од суштинско значење за збогатувањето на поединците и на општествата. Танцот овозможува луѓето да се развиваат, да се почитуваат и да ги почитуваат другите и да ги изразуваат најдлабоките човечки чувства.

Мислам дека во моментов се појавуваат нови форми кои ги артикулираат традиционалните танцови со истражувањата и современите форми, како и со усвојувањето и дијалогот на новите технологии и новите медиуми.

Исто така, мислам дека аматерското практикување многу ќе се развие во врска со работата на професионалците.

Споделете со нас некои Ваше возбудливо искуство на или зад сцената.

– Моментот кој за мене е најсилен и највозбудлив е оној кога настапува тишина токму пред почетокот на една претстава. Тогаш постои една форма на извонредна достапност и заедништво.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...