Претседателот на Собранието Талат Џафери, денешната средба со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, ја оцени како продолжение на добрата и пријателска соработка меѓу двете земји и притоа го поздрави и денешното потпишување на Спогодбите помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина, како предуслов за уште посилна и посестрана соработка во повеќе области.
Џафери со својот гостин го сподели неговото убедување дека ратификацијата на овие договори ќе помине без никаков проблем во Собранието на Република Македонија, затоа што усвојувањето на овие договори е во корист и заемен интерес на граѓаните на двете пријателски земји.
Претседателот на Собранието упатил покана до колегите претседавачи на двата дома на Парламентот на БиХ да ја посетат Македонија.
„Џафери го потенцираше фактот дека Македонија по завршувањето на политичката криза е силно фокусирана кон евроатланските интеграции, и во таа насока изрази оптимизам дека очекува придвижување кон изнаоѓање прифатливо решение околу спорот со името со Грција, како и позитивен и безусловен извештај од Брисел за напредокот на Република Македонија“, соопшти кабинетот на Џафери.
Претседавачот со Советот на министри на БиХ, Звиздиќ со задоволство констатирал дека односите меѓу двете страни бележат постојан прогрес и токму денешното потпишување на Спогодбите меѓу двете земји, како што истакна Звиздиќ, е вистински показател на таа соработка на која работат интензивно двете држави.
Високиот гостин од Босна и Херцеговина на средбата ја истакна потребата од јакнење на регионалната економска соработка, како и потребата од сообраќајното авионско поврзување помеѓу Скопје и Сараево, со што ќе се олесни комуникацијата меѓу бизнисмените и стопанствениците на двете страни.
„Звиздиќ ги посочи двете земји како пример за добра соработка во повеќе области во регионот и нагласи дека нашите земји на Балканот немаат подобра алтернатива од ЕУ, и, во таа насока, ја истакна високата поддршка која граѓаните на БиХ ја даваат за интеграцијата во ЕУ“, стои во соопштението.