Џафери: Нема да го заборавиме холокаустот

Јасно и гласно кажуваме дека никогаш нема да го заборавиме холокаустот и никогаш нема да дозволиме извитоперување на историските факти во смисла на негово негирање, рече собранискиот спикер.

337
Foto SDSM

Холокаустот е еден од најмрачните периоди на човековата цивилизација во минатиот век затоа што на најбрутален начин беа ликвидирани над шест милиони мажи, жени, деца и старци, само затоа што беа Евреи, а меѓу нив и 7 144 Евреи од територијата на денешна Република Македонија, рече претседателот на Собранието Талат Џафери во обраќањето на настанот во сеќавање на депортираните Евреи од Битола пред 75 години.

Јасно и гласно кажуваме, нагласи Џафери, дека никогаш нема да го заборавиме холокаустот и никогаш нема да дозволиме извитоперување на историските факти во смисла на негово негирање.

– Република Македонија и нејзините граѓани секоја година на денешен ден се потсетува на овој трагичен настан, со цел да оддаде почит на овие наши сограѓани, но и на сите Евреи, жртви на холокаустот. Никогаш нема да го заборавиме холокаустот, нема да дозволиме никаква појава на антисемитизам, на говор на омраза, на нетрпеливост, ксенофобија или какви било други појави кои претставуваат кршење на човековите права. Токму затоа, Собранието на Република Македонија годинава усвои Декларација во спомен на овие наши сограѓани но и како потврда на таа наша определеност- истакна Џафери.

Потсети и на други мерки и активности во знак на поддршка на еврејската заедница во Република Македонија, донесениот Закон за денационализација со кој и беше вратен целокупниот имот, како и изградбата на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.

– Локацијата на Меморијалниот центар во центарот на градот, како и фактот дека од едната страна се наоѓа црква, а од другата страна џамија, на симболичен начин ја потврдува вековната толерантност и отвореност на сите етнички заедници кои живеат во Република Македонија. Затоа и со право, како граѓани на Република Македонија, бараме да не се заборави и никогаш да не се повтори холокаустот. Сакаме многу повеќе дијалог, толеранција и разбирање, како за решавање на глобалните проблеми, така и за регионалните и билатералните прашања – истакна претседателот на македонскиот Парламент.

Сеќавањето на кобното утро на 11 март пред 75 години, денеска во Битола беше одбележано со Марш на животот, во кој учествуваа неколку илјади битолчани и гости од Германија и Израел.

Пратеникот и генерален секретар на СДСМ Александар Кирацовски истакна дека маршот е во чест на депортираните еврејски семејства жртви на холокаустот со што до светот, рече, ќе испратиме порака за мир, заедништво и соживот.

– Со маршот ја претставуваме патеката по која токму во Битола чекореле 793 депортирани семејства. Овој трагичен настан во Битола испраќа порака до светот како тој може да биде суров и ранлив доколку навреме не се спротивставиме на злото. Затоа од тука испраќаме порака за соживот и мир, а овие настани засекогаш да останат во историјата и никогаш да не се повторат- истакна Кирацовски.

Денешниот комеморативен собир и маршот во Битола го поддржа и заменик-министерот за одбрана на Израел, рабин Елиаху Михаил Бендахан, кој нагласи дека собирот во овој град бил одлична и уникатна можност да се соберат сите кои сакаат да потсетат на Евреите кои како заедница живееле во Битола.

– Приказната за Битола се уште не е доволно раскажана, бидејќи не останаа живи луѓе што може да ја раскажат вистината за Битола, за утрото кога Евреите беа одведени во логорот на смртта во Треблинка. Им се заблагодарувам на луѓето во Македонија што денес маршираат за Евреите и што се грижат за Еврејските гробишта во Битола, рече Бендахан.

Според востановената традиција, и овој 11 март прием за гостите од државата и странство приреди градоначалникот на Битола. Поздравувајќи го бројното присуство на гости, градоначалничката Наташа Петровска истакна дека денешниот ден е исклучително значаен за Битола за да се каже дека и покрај се што се случило во минатото, Евреите и еврејската заедница се уште се меѓу нас.

– Сите Евреи од цел свет и денес се добредојдени во Битола, за да ги зачуваме спомените и да порачаме дека 11 март 1943 не смее да се повтори и дека човештвото треба да се движи по патеките на заедништвото и љубовта- посочи Петровска.

Комеморативниот Марш на живите почна пред Здравствениот дом „Хаим Абраванел“, продолжи по Широк Сокак и заврши на Железничката станица во Битола, каде сите учесници ставија цвеќе на „шините за збогување“ во знак на почит кон депортираните битолски Евреи. На Еврејските гробишта потоа беше промовирана Ерусалимска патека, а во битолскиот Музеј беше отворена изложбата „Дипломати праведници меѓу народите“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...