Џафери – Кобахиѕе: Пратениците соработуваат и без дипломатски односи меѓу Македонија и Грузија

146

Претседателот на Собранието Талат Џафери, на маргините на 138. Собрание на Интерпарламентарната унија во Женева, се сретна со претседателот на парламентот на Грузија, Иракли Кобахиѕе.

Од Кабинетот на Џафери соопштија дека на почетокот на средбата, Кобахиѕе ја истакнал важноста од започнување на поинтензивен политички дијалог меѓу Грузија и Македонија, посочувајќи дека двете земји сè уште немаат воспоставено дипломатски односи, а имаат слични цели и предизвици, како што се интеграцијата во ЕУ и НАТО.

Грузискиот Парламент е особено заинтересиран за функционирањето на парламентарниот институт на Собранието на Македонија и апроксимацијата на законодавството со она на ЕУ. Грузија може да ги сподели своите позитивни искуства во борбата против корупцијата, реформата на полицијата и подобрувањето на услугите за граѓаните, посочил Кобахиѕе.

Џафери посочил дека и покрај невоспоставените дипломатски односи, пратениците од двете земји соработуваат во рамките на меѓународните парламентарни собранија.

Џафери истакнал дека Македонија е подготвена да развива секаков вид на билатерална соработка со Грузија, нагласувајќи дека двете земји успешно соработуваат во рамките на ОБСЕ и НАТО.

Истакнувајќи дека Македонија останува посветена на евроатланската агенда, Џафери го информирал соговорникот за мерките за градење на доверба за разрешување на билатералниот спор што Грција го има со уставното име на Република Македонија, како и за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...