Џафери го скокна законот за јазиците, опозицијата го потсети на 15.000 амандмани против бранителите

Димовски му порача на Џафери дека нема право да им го скратува правото на пратениците да предлагаат.

886

Претседателот на Собранието Талат Џафери ја прескокна точката за законот за употреба на јазиците со која требаше да продолжи денешната 32. седница, а седницата продлжи со гласање по други точки.

Пратеникот Илија Димовски уште на почетокот на седницата побара да не се расправа за неуставниот закон за јазиците, а Комисијата за мандатно-имунитени прашања да ги разгледува поднесените повеќе од 35.000 амандмани.

Димовски му порача на Џафери дека нема право да им го скратува правото на пратениците да предлагаат.

-Немате право да му скратите на пратеник да предлага. Ако ви се битни партиските интереси треба да си ја продолжите постапката и да го кршите Уставот и Деловникот. Пратениците имаат право да предлагаат, вие тоа добро го знаете бидејќи за Законот за бранители поднесовте над 15.000 амандмани. Тргнати сте со идеја да ни го одземете едно од основите права. Ако се случи таков преседан денес, таков ќе се случува секогаш, ако денес се донесе таков неделовнички закон, такви закони ќе се носат секогаш – рече Димовски.

Димовски додаде дека нивните амандмани се однесуваат само на 19-те членови за кои претседателот на државата укажал дека се неуставни. Додека пратениците од ДУИ и од СДСМ гласаа за други закони, пратениците од опозицијата бараа пауза.

Џафери даде едночасовна редовна пауза, но откако беа изгласани измените на Законот за продажба на земјоделско земјиште во скратена постапка и на Законот за плати и други надоместоци на избрани и други лица.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...