На двегодишната Ајви Енгрмен од Минесота ѝ е дијагностицирана алергија на вода (аквагенска уртикарија), поради што при допир со вода, на кожата ѝ се јавува црвенило и болка.
Нејзините родители забележале дека по бањањето добива црвен осип на кожата. Мислеле дека е од сапунот, но тестови покажале дека станува збор за алергија поради која животот на Ајви е полн со забрани.
Тоа е екстремно ретка состојба, поради која девојчето не смее да се капе, да се прска со вода со другарчињата или да се мава со снежни топки, зашто дури и дождот, плачењето и потењето ѝ предизвикуваат болка. Ајви почнувала да плаче по само 15 секунди бањање, поради што нејзините родители сега ѝ ја одржуваат хигиената со влажни марамчиња и ја капат еднаш неделно, при што, велат, им се кине срцето.
Најголем страв на родителите е Ајви да стане алергична и на пиење вода. Во светот имало таков случај, кога жена за свое добро била принудена да пие само одреден тип сок.