Дедо пие ракија, баба дупи топки

Поентата е дека, во големите „игри“, глупаците се добредојдени, а „паметните и слабите“ прашуваат и се консултираат, па, не влегуваат во големите игри, кога можат да завршат како мезе.

1412

На Американските генерали, веројатно, им засолзиле очите од среќа, кога Садам го нападна Кувајт: „Нели ви рековме Претседателе“, била (пак, веројатно) генералската поента. Кутри Претседател, веројатно, прашал: „Зар е можно да е толку глупав“? На ова прашање, веројатно, е одговорено марфиевски: „Што можеш да објасниш со глупавост, не оди понатаму – тоа е“.

Толку долго Садам се провлекуваше со своите злосторства, против сопствениот и соседните народи, што на сите им беше смачен. Но, докази не може да има, каде што има апсолутизам и слепо послушна егзекутива. Садам секогаш имаше, ем оправдувања, ем отровни стрели против „западот“. Но, за богатиот Кувајт, оправдувањата не држеа. И тако је то почело.

Поентата е дека, во големите „игри“, глупаците се добредојдени, а „паметните и слабите“ прашуваат и се консултираат, па, не влегуваат во големите игри, кога можат да завршат како мезе.

Така и со театарот наречен Русија и Западот, во кој се бројат земјите, кои протерале дипломати, но без последици по провизиите на „играчите“, како што мудро пишува Орданоски, можевме и да одмолчиме и да „реагираме“. Поинаку, убаво би било да не влегуваме во игри, кои не можеме да ги изиграме.

Домашните теми не ги сметаме за дел од „големата игра“, а со тоа, мислиме дека можеме слободно да какаме „за домашна употреба“… нешто како … ние сме со Брисел, Америка и Британија, а на митинзите отворено говориме за заверата на истите тие, за растурање на Македонија; и за братската Русија, која, во напад на сопствени проблеми, на Македонија би можела да ѝ се посвети после 3018 година. За таква „операција“ тие би потрошиле иста количина пари, колку што „нашите“ австралиски патриоти собрале за сето ова време македонска независност. Но, „домашното“ може да има и последици.

Што ако и Грција ја игра истата игра како опозицијата и нејзиното „интелектуално крило“ – изгубено во времето? Да се сетиме: Провизиите и профитот биле битна работа, а грчките бизниси во Македонија цветаа во време на вемерето, беа специјално заштитени и од инспекциите и од локалните самоуправи и од братските тајни служби, кои се претворија во профитни центри. Не од две, туку најмалку од три тајни служби, од кои само една беше домашна, но не и „наша“. Беше „нивна“. Па, не е организацијата на „Диво Насеље“ мачкина кашлица. Луѓе загинаа, судски процеси беа фалсификувани, „народите“ беа на тест, дали ќе го грабнат оружјето. Операцијата од 27 – ми за малку ќе успееше. Тоа не е за „домашна употреба“, па ниту овие (наизглед) маргинализирани „патриоти“, чие влијание не е за потценување. На нивните глупави финти паднаа и голем број нестрпливи (за власт) есдеесовци. Ова е дел од поширока операција, која никако не може да биде само за подома.

Што ако домашните теми почнат да произведуваат нестабилност и ги условуваат нашите меѓународни потези? Што ако и Заев и „западот“ утврдат дека решението на името ќе води до јакнење на националистички тенденции, кои Македонија ќе ја солидаризираат со „истокот“, наместо со „западот“, дека тенденциите на политичко мотивирано насилие можат да ескалираат и дека можат да бидат „спонтано“ организирани настани, во кои „ќе се случи народ“, кој, некаде, ќе ликвидира пратеник, министер, амбасадор, неколку од „другите“ етнички и/или конфесионални заедници? Криминалците се тука, пари – колку сакаш, јасни мотиви да се спречат судски и други процеси, инсталации на поранешната власт, соседите, големите сили, хранењето на чувството за виктимизација, „историска неправда“ и други скапани тикви – ѓомити идеи… Да се сетиме на Босна!

Значи, Македонија, повторно сака „да игра“ и ја дупи топката. Поточно, двете Македонии.

Има тука еден ТЕСТ НА УМОТ, кој треба да го запаметиме. Парите се показателот.
Странците плаќаат за своите „операции“. Најглупавите „играчи“ плаќаат сами, додека играат за други. Така, Груевски сам ја плаќаше сопствената „операција“, се разбира, од наши пари, но толку многу се заглави во самобендисаноста, што мораше да почне да плаќа и за надворешна поддршка на сопствениот криминал и забеганост. Да се присетиме: До „бомбите“, од усните на Грујо можеше да излезе само ЕУ, Америка и НАТО!!!

На „званична Македонија“, која е за ЕУ и НАТО и порано и сега ѝ плаќаат и тоа не мали пари, насочени во развој и поддршка на одговорноста на државата и кон себе и кон Европа и кон НАТО.

Онаа „друга“ Македонија, вака отсечена од буџетот и ориентирана само кон украденото, кое е во џепчето на Грујо, е оставена да сѝ плаќа сама, за патувањето во „големата игра“, во која, сигурно како смрт, странските моќници ќе се запрашаат: „Зар е можно да сѐ толку глупави“.

Прашањето е: Дали и Македонија ќе ја повлечат со себе? Ако не бидат потполно маргинализирани – секако.

Да завршам тривијано, како да сум на патриотска трибина. Кога баба ќе најде топка во цвеќињата, подобро е да им ја врати на децата, како што дедо ја советувал, додека пиел ракија, оти ако ја дупне со градинарскиот нож и таа влегува во играта и тоа како голман, а децата ќе влезат во градината, оти им се може….

Баби и фудбал не одат заедно, како што слабите не смеат да играат во играта на моќните. Иако сѐ поканети, никој од нив не очекува да се појават. Ако се појават, добредојдени се, како мезе.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...