Инфериорен ли народ се Македонците!? Биолошки, генетски, културолошки, па потоа и политички. Во спортот. На естрадата. Во филмот. Во кое било релевантно значење!?
Секој ден по кафеаните скопски, по порталите и социјалните мрежи, по сто пати слушам позитивни одговори на оваа капитална дилема, но сè се тоа емотивни изблици, реакции на актуелната криза, на моралното дно што го допре нацијата, на експлозијата на вредносниот појас, со кој Македонецот реши да се разнесе себе, онака, без везе, без стремеж кон некакви високи идеали, кон небото, туку патетично, глупаво, користољубиво, плачливо, неотпорно…
Наспроти тие негативистички морализирања, кои полека се вообличуваат во една автошовинистичка култура на самоомразата, сериозни опсервации, дури и во средините во кои по природата на нештата може и треба да зрее културата на овој сомнеж, се смета дека обидот на сериозен, да не речам научен начин, да се проговори за овој аспект на нашата егзистенција, е политички и национално неопортун и дека, дури и да има основи да се тврди дека Македонците се инфериорни, подобра одбрана е молчењето, отколку соочувањето со тој потенцијален факт.
Македонското самораспаѓање
Јас мислам обратно, се разбира, само соочувањето со вистината за себе може субјектот да го опреми со алатки за современите компетиции, а не молчењето, уште помалку не тонењето во митовите и лажните истории како компензација за инфериорноста. Поаѓам од три клучни хипотези:
1. Многу работи во природата на македонската драма, која трае од самото формирање на оваа држава, со тоа што по осамостојувањето се комплицира, а под ВМРО-ДПМНЕ се радикализира во својата самораспаѓачка трагика, не можат или тешко можат да се објаснат поинаку. Природата на македонското самораспаѓање самата себе се препорачува како некаков доказ за инфериорноста на Македонците. Продолженото траење на процесите, континуираното бирање на најлошите можни опции, неразбирањето на светот и неговите критериуми, мирновременскиот карактер на крахот, без војни и епидемии, фиксацијата во чисти конструкции на патетичниот дух, еднозначното и погрешно толкување на темите за уставното име, идентитетот, достоинството, проследено, од друга страна, со незабележана автоагресија, најпримитивна можна, врз сопствените темели и манифестации, содржина и супстанца на своето постоење, сè се тоа елементи што можат да се сметаат за елементи на инфериорноста.
2. Во историските пласмани на Македонците, во драмите низ кои минувале во обидите да се конституираат, лежат прилично сериозни основи во кои можела да се формира нивната инфериорност. Без држава, без автентична борба за своја држава, секогаш со посредувана борба, без институции и системи, без граѓанска уреденост, без граѓанска класа, на крајот со држава модел што без битното милје на слободата, ја остави нацијата хендикепирана за натпревар во слободниот свет, тоа е тоа, што друго да се каже.
3. Дебатата за оваа тема нема друга смисла освен да се обиде национот да се ситуира во реалниот политички простор за да може да постои и да се развива врз основа на важечките критериуми на светот, а не на сопствените критериуми кои светот не сака да ги користи ниту како тоалетна хартија. Не сум поборник на некоја широка јавна дебата за ова тема. Но одговорните инстанци мора да преземат нешто, а не секој ден да ја трујат заедницата со лажни истории, со четите кои навлегувале, со парадните и манекенски формации, со вмро и војводите, со црквата, со други измислици што ја пумпаат нацијата во спротивен правец кој, меѓутоа, води директно во пропаст.
Второкласен народ
Инфериорен народ не значи никаков народ, не значи ненарод, инфериорен народ просто е народ што имал проблеми со себе и со светот, со развојот на настаните, со војни, со ропства, со окупации, со емиграциите, со верата, со културата. Инфериорен народ што е освестен за својата инфериорност има шанси да се искачи во друга, покомотна димензија, оној што ја нема таа освестеност е осуден на изумирање. Најголем дел од човештвото припаѓа на инфериорни народи.
Витолд Гомбривич цел живот се трудел да ги убеди своите Полјаци да уживаат во статусот на второкласен народ. И неговиот сонародник Кунцевич, во една пополурна верзија ја застапува таа теза пишувајќи дека Полјаците немаат свој препознатлив знак во културната историја на Европа. Како што немаме ниту ние. Радомир Константиновиќ во феноменалната студија за српската и не само српската паланка, до детали ги опишува елементите на инфериорноста. Хрвое Лорковиќ, истакнат и учен хрватски емигрант ги разгледува елементите на можната инфериорност на хрватскиот народ поаѓајќи од следните полунаучни или псевдонаучни одредници за биолошката инфериорност: закржлавен, заостанат, неотпорен, стерилен, како и други карактерни конотации, на пример, неагресивен, дефанзивен, плашлив, нерешителен, невитален, млитав, па слаб, болен, па пречувствителен, рафиниран, па непродуктивен, неспособен, неиницијативен, па неприлагодлив, неподвижен, па нечувствителен, незаводлив, неспособен за уживање, стеснет, зачаурен, наведнат, конечно, неимпресивен, мал.
Игор Мандиќ во една прилика („Недељом у 2“ кај Александар Станковиќ) го изнел становиштето на Лорковиќ како можна основа за размислување и преиспитување, но заглавил во море од глупави шовинистички критики, за кои пишува во својот „Претсмртен дневник“ од каде што се и цитатите на Лорковиќ кој својата студија ја заклучува вака: Биолошката инфериорност е само еден од патиштата на бегството од одговорноста за својата бит и за оние на кои им припаѓаме. Целта на оваа статија е непријатната должност на симнување на заштитните маски. Но, зошто да се криеме? Нека да се погледнеме: не е ли сјајот на голотијата подобра заштита од слабите оклопи на „научно фундираните неодговорности“!
Хистеризирани будали
Не е неподнослив хендикеп да си припадник на инфериорен народ, но да си припадник на инфериорен народ што мисли дека е супериорен или, во една друга варијанта, дека е жртва на разни надворешни сили, а не на својата подреденост, е тоа е малку ту мач. Малку отповеќе е кога ќе си во вакви гомна, а попот пропаднат во гомната до веѓите се поткрева на прстите и труби на протестот за името и кај ќе стигне дека Македонија ја имало триесет и трипати во Библијата, дека сме биле најстара цивилизација, дека светот сака да нè уништи, не за друго туку имено затоа што сме величествени.
Заедно со „Македонските фрајли“ тие невенчани жени на Името, професорската елита, замислете, и целата таа примитивна збирштина од хистеризирани будали, па мене ми доаѓа да мислам дека ние сме под нивото на еден стандардно инфериорен народ. Каков егземплар на каков народ е Христијан Мицковски, кој на Тимоние му вика дека мора да престанат политичките прогони ако Европа сака ВМРО да даде поддршка на реформите. Човекот, фигурата, значи, што се бори за слобода на убијци со предумисла, платени насилници и атентатори врз поединци, врз институциите и врз државата и народот. На каков народ припаѓа таков типос. Не знам што му рекол Тимоние, но јас по една ваква тирада, би му рекол да оди у пизду материну, уште повеќе никогаш не би си дозволил да ја избербатам својата дипломатска кариера со влез во таа зградурина на апашлакот и на смрдливото и смртоносно мисионерство на умислени психопати.
(Објавено во „Слободен печат“)