Денес е сабота, време кога излегува мојата „шлајфна“ текст, тому на ова место на кое вие ги исчитувате овие редови. Денешниот датум, пак, е 10 март 2018 година, што значи дека пред петнаесет години (без два дена) ќе биде убиена голема (ако не и најголема) политичка фигура на овие јужнословенски простори. Фер би било да кажам дека Зоран Ѓинѓиќ (1952-2003) за мене е многу важна политичка личност, а пред да почне да се занимава со партиска работа, Ѓинѓиќ се занимаваше интензиво со политичка публицистика и есеистика. Хронолошки гледано, помеѓу кариерата на Зоран Ѓинѓиќ како филозоф (и дисидент) и Зоран Ѓинѓиќ како политичар постои една, ајде да ја наречеме „меѓукариера“: средината и посебно крајот на осумдесеттите то ест на самиот почеток на деведесеттите – пред да се препушти на партиска работа – Ѓинѓиќ интензивно се занимаваше со политичка публицистика и есеистика.
Не сум сигурен до крај, додека ги испишувам овие редови, дали тоа беше логичен, дали тоа беше „развоен“ или „дегенеративен“ пат за некој кој филозофски ја промислува реалноста, историјата, а политиката е негова алатка за активно преобликување на реалноста… Што е тоа што сум го читал и што е тоа што го знам за Зоран Ѓинѓиќ?
Писателски талент
Прво, кај Зоран Ѓинѓиќ, а тоа е општо познато, има многу луцидни цитати и изводи од негови текстови, оттука забележувам дека тој човек не се потрудил да ги собере/издаде своите размисли во една или повеќе книги (објавени после книгата „Југославија како недовршена држава“): дефинитивното преминување кон практично поле го лишило, очигледно е, и време и амбиција да се позанимава со тоа. Сите тие безбројни текстови така останаа раштркани низ разни весници и интернет портали, а некои се наоѓаат во некои далечни градови во кои зградите им изгореа: така работи историјата на дело… Булгаков добро велеше: ракописи не горат, горат редакции!
Што, имено, остана од тие привидно текстуални „ефемерии“ за еден интригантен авторски опус? Најпрво треба да се каже дека Ѓинѓиќ уште во седумдесеттите и добар дел во осумдесеттите, освен во филозофските публикации, повремено објавувал и во „НИН“, „Књижевна реч“, сам или во коавторство, есеи или критички текстви со современи филозофи за општествени проблеми, разговори со луѓе за кои локалната филозофска заедница – „намќорски“ загледана во својот марксистичко-православен-метафизички папок – до тогаш не ги слушнала, како и преводи на оние мислители кои тогаш му биле блиски.
Но, со системски и континуирани испишувања на политичка публикација започна многу подоцна, во времето на топење на „титоистичкиот мраз“, пред самиот почеток на лудачкото време, време на Милошевиќ и на неговата популистичка стихија. Низ серија текстови во „Књижевне новине“, новосадскиот „Став“, викенд изданијата во „Борба“ и неделниот прилог во сараевското „Ослобоѓење“, Ѓинѓиќ демонстрираше, од една страна, раскошно познавање на филозофските основи во политиката и во општествените науки, како и многу добар писателски талент – без посебни стилски бравурии од фундаментот на неговото поимање за светот и текстот, ама и без авторска бахатост, недоученост, темел кој овде кај нас е длабоко вкоренет и прогласен за некој вид локално-кафански фолклор.
Од друга страна (може да ги погледате мноштвото клипови на „youtube“), Ѓинѓиќ поседуваше нетипична „професорска памет“, така ретка, така несвојствена свест „за медиумот“: секој негов новинарски текст од тоа време беше фасцинантен пример „за глава“, „за опаш“ и „за јајца“, а наместо секојдневното почнување текст со трала-лајки – од кои не можеш да забележиш кога почнуваат мудростите па и да си петпати поголем од Ѓинѓиќ! – овој германски доктор итро веднаш поминува на проблемот (па како ќе му се потрефи и нему и на проблемот)!
Сево ова не значи дека Ѓинѓиќ подлегнува на авторскиот популизам, активистичко урлање „за масите“: таман работа, пишуваше за образовани читатели, далеку од простачкиот „дискурс“ наменет за таблоидниот полусвет; се работи за тоа дека Зоран знаеше колку новинскиот простор не е баш погоден за арчење, односно дека просторот е исто што и, фудбалски речено, „една теза, два примера, три шлајфни“, што би рекол големиот Игор Мандиќ. Немаше многу луѓе – а ги нема и денес – оние кои пишувањето не им е професија, а кои толку добро знаеја дека незгодниот есеистички жанр, и поради тоа негови текстови се „сложени“, е ужасно тешка дисциплина. А како ќе биде поинаку, кога наоколу владее сивило и простотилак?
Брутално дрзок
Зоран во текстовите не сака паламудење, просеравање, кенкање, кукање, лупетање. Туку директно во сржтта: ќе дадам еден пример како Зоран Ѓинѓиќ го објаснува проблемот со Косово. Знаете она „Косово е наше, Србија е цела“, па Ѓинѓиќ во „Став“ испишува мега-еретичка мисла дека, замислете, „историјата не е завршена со преткосовското ретро-лупетање, напротив, таа успеа да го помести процесот во средиштето на српскиот народ на делот од север: постепено и благодарение на популизмот губејќи го Косово, Србите исто така тргнаа да ја освојуваат и Војводина“! Се друго, дами и господа, е подло „мајмунисување со националистичката метафизика“. Работата не може да не биде поочигледна, па сепак, никој не знаеше, не смееше или не успеваше така да ја формулира.
Овде нема место да се елаборира уште некој друг пример на „единствениот“ увид, а башка и тоа што јас не сум ниту политичар, а богами не сум ниту Ѓинѓиќ. Беше брутално дрзок, бунтовен, со јазик кој сече: беше тоа политичар кој се бунеше против дрвениот и стерилен јазик. Во времето на „популистичката ренесанса“ и „народњачкото“ лупетање, Ѓинѓиќ најчесто пишуваше за институциите, за модернизациските импулси, за неопходните претпоставки на еден иден либерален поредок. Во таквиот контекст, Ѓинѓиќ во едно време престана да се занесува, односно отстапи од младешкиот презир спрема Државата, а истовремено се чуваше и од нејзините патологии, особено кога се работеше за симбиозата помеѓу државата и етничката нација. Во тоа, како политичар, сепак не беше доследен – заради што трпеше многу оправдани критики од своите дамнешни соброци – ама умееше да се врати после своите прекумерни „лутања“.
Ова е текст кој малку-од-малку го опишува големиот опус на Зоран Ѓинѓиќ, но сепак, ова не е текст кој ќе објаснува што-би-било-кога-би-било, и дали Ѓинѓиќ згреши што пишувањето го замени со политика, таа лудачка партиципативност во често погана, а во суштина толку важна дејност. Нема „грешка“ бидејќи очигледно Ѓинѓиќ ја следеше својата „sвезда“, а друга работа е што тој би можел, ако поинаку одлучеше, и ќе беше во право, затоа што би анализирал туѓи потези многу повеќе луцидно отколку што неговите „опсерватори“ умееја да ги анализираат неговите. Умре на 12 март 2003 година. Го уби државата со своите монструозни експозитури.
„Слободен печат“