Мислите дека е невозможно? Историски да, но по учебникот на „новото воведение“ – не е. Нововедците се поистоветуваат со Гоцета, Дамета, Александра, Гемиџиите, а истовремено, чекорат по стапките на Месалина и Чичолина (тоа е логиката на вемереовскиот континуитет, чии „скриени“ гласноговорници се „нововедците“). Така, сѐ е можно. По нив, историските факти да ти биле само извор за перверзија, а државните, националните интереси и достоинството на Македонецот/ката, само средство за партиско факторизирање.
Ах, таа „Жена борец“, тој расадник на политички хохштаплери, уште работи на дебелеење на штрајкувачите.
Омажот на емисиите, во кои настапуваат, го менуваат во политички турбо фолк и сензационализам. Што е тоа закон, стручност, надлежност, јавен интерес, јавна свест, историска и социјална логика, ненаменско трошење буџетски пари, пренасочување на наменски средства, злоупотреба на позиција и овластувања, суспензија на надлежности, па дури и на Собранието. Мудријашење и подметнувања.
Сепак, од емисиите кристално јасно излезе технологијата за ТВ емисии на нововедците, која е, веројатно, и запишана во партиски „упатства“. Таа оди вака:
-
Поставување методологија на разговорот и „коректност“ (како да се тие водители). Со тоа авансираат, оти, се разбира, од нив коректност не барај.
-
Свето воведение: Само-претставување како патриоти и загрижени за Македонија. Во овој дел се споменува дека нивното мислење е мислење на народот.
-
Акцентирање на политичкиот дискурс на разговорот, со дисквалификација на соговорникот, заради изместувањето на референтната рамка на темата, од законска – кон политичка, за да се анулира темата на разговор, законите и правилата. На пример, „Јас не сум архитект“ – рече Филипчо. Водителката не го праша: „ами, што бараш да разговараш за архитектура, уредување на јавен простор и закони?“
-
Следи поставувањето на македонската виктимизација дека Македонија постојано „од нешто“ се откажува, дека од „сите“ сме биле негирани. Преселби, бркање од вековно огниште, асимилација… Како да е тоа Македонски изум. Нема народ, кој тоа не го доживеал, вклучително и Грците и Бугарите.
5. Со тоа, одма се поврзуваат класични историски лаги, кои би поминале само кај најзагрозеното партиско членство, но, како попатно кажани „вистини“, филувано со „народот, кој гинел за идејата“, со што се анулира историскиот факт дека вемерето е квислиншка организација, која дувала во иста тиква со окупаторите и кодошењето, убивањето и рекетирањето Македонци ѝ била редовна работа. Тоа мора да биде така, оти ќе излезе најголиот факт: ВМРО – ДПМНЕ го издаде идејата, со антиквизацијата. Таа се срами од нашето словенско потекло. Така, првата лага е за границата од 1913 – та година. Втората е за континуитетот на вемерето, со организациите од 19 – ти век, иако вемерето е формирано после 1928 – ма година. Третата е за лавчето на Петар Охсмучевиќ, како да е тоа вековен симбол на Македонија и на вемерето, а тој, кутриот, никогаш и не дознал што е тоа „Македонија“, која била дел од некакво измислено „Кострурско царство“.
Тука не е чудо да се чуе дека Тито не му ја давал Македонија на Ѓорче ПетровСКИ, дека, пред да умре Питу Гули му рекол на Љупчо Георгиевски да му ја чува Македонија или дека Самоил ѝ се јавува на Силвето во сон, за да ја бодри за Македонија, да истрае во античкото потекло и дека немаме врска со Словените. Така, партизаните станаа комити, а пљачкашите национални душебрижници.
Нововедците и самите тврдат: „Што ако се лажни нашите приказни и легенди, кога нашиот правец не е агресивен“, како вистинитоста и агресивноста да се на било кој начин поврзани.
-
Вистинска мајсторија и безобразлук е имплантирањето на сѐ она што го правеше вемерето на соговорникот. Бандитското поставување на неплатените споменици од невладина организација на јавни места, станува „терористичко тргање на Ќосето“; стотиците бесправно изградени џамии, двоглавите орли, картата на Голема Албанија и споменикот на Хасан Приштина, дозволени и/или изградени од вемерето и ДУИ, сега биле „недопирливите споменици, кои есдеес не сакал да ги руши“. Ами, дека е сега потребна дозвола за рушење, а под вемереовците не беше потребна ниту дозвола за градба?
-
Врв на цинизмот е одбивањето да се говори за кршење на законите, со тоа „Скопје 2014“ и тоа, од прашањето поради што да се градат тие нешта, до насилието врз урбанистичките планови, нивното поставување како „урбана опрема“ или како „уредување на градежно земјиште“ и кршење на сите процедури и надлежности. Дури и да не говориме за јавните набавки и милионските суми за хонорари за сомнителни квази – уметници, пренамената на средства е доволна за илјада и една година робија.
8. Заканите со „народ“, оти народот „бил со вемерето“ е главната поента. Џабе тука резултати од избори, џабе падовите на листите – показатели на демократското и институционално ниво, џабе уништени човечки судбини. „Народот“ е нивниот одговор, истиот оној „народ“, кој сега не им излегува на проетести, а претходно глумеа и административци и земјоделци и патриоти и студенти – едни исти. Ова е многу потребно заради притворените пратеници и кандидатите за затвор. Тоа е порака: внимавајте што правите, оти „ќе ви се случи народ“.
Тоа е тоа. Тоа се „задолжителните елеменети“ на вемереовскиот „танц со јавноста“. Тука се „странците“ само заложници, Албанците поддонеска до власта, соросоидите – доказ дека постои завера против нив, за да ја срушат Македонија. Без нив Македонија ќе се разнебитела, иако од нив, едвај ја спасуваме.
Останатото е смешно за слушање. Претседател на стручна комисија објаснува, а „независниот“ член на партија, поранешен функционер и плачко – кога не е директор – исмева, со неизоставното „ти сѐ знаеш“!
Пораката за верниците на новововедците е како рачна бомба – обоена како банана – за мајмун, привлечна, но, или ќе си ги скрши забите или ќе се разнесе. Дивата желба за чепкање во бомбата – банана, дозволува да се запрашаш, дали, можеби, Гоце работел за УДБА, иако не се чувствувал за „Славјанин“, но, можеби тој тоа го направил за да ја спаси Македонија од асимилацијата на античките Македонци со славјанската чума, а сега…, ма сигурно, ги оставил наследниците, обучени во женопарксистичките шатори, да ги бранат скулптурите, наместо да внимаваат на реформите, јавните набавки, екипирањето на институциите и демократијата. Но, реформите се неразбирливи, па нема од нив ниту политичка корист, ниту факторизирање.
Останувам со жал за „верниците“, кои од фалената Југославија и социјализмот го заборавија само најбитното: просветителската идеја, која човекот требаше да го направи достоинствен, ослободувајќи го од митовите и да го одвои од мајмунот, тоа одвратно суштество, на кое толку многу личиме.
Новото воведение на Папата Глигурче убило стотици илјади луѓе, со меч и огин, нашето, заглупело стотици илјади души. Воведението (новиот календар), после резигнираното одбивање на големите умови на тоа време, го правел берберот на Папата, Антонио Лилио. Нашето „ново воведение“ – оние, кои „ја обричија“ државата.
Дебатери на политички емисии, запомнете ги осумте точките.