Да ти била тоа „Аналитичко-безбедносна мрежа“

Елем, наводно, високи претставници на првите ешалони на власта од поранешниот режим, особено од неговите безбедносни структури (овие кои не се во или на пат за Шутка), под координативно раководство на својата долгогодишна „шефица со тефтерчињата“, формирале некаква тајна „Аналитичко-безбедносна мрежа“.

4588

Детонациите од „бомбите на Заев“, со кои се сруши еден, наизглед, несоборлив автократски режим, сè уште одѕвонуваат во ушите на Фамилијата. Таа никако да се помири со таквиот исход на работите. Откако се прегрупирале и, колку-толку, се повратиле од шокот на поразот и од сите првични непријатности произлезени од кривично-правните соочувања со делата за кои одговараат, сега се подготвуваат на Заев да му вратат мило-за-драго. Како?

Елем, наводно, високи претставници на првите ешалони на власта од поранешниот режим, особено од неговите безбедносни структури (овие кои не се во или на пат за Шутка), под координативно раководство на својата долгогодишна „шефица со тефтерчињата“, формирале некаква тајна „Аналитичко-безбедносна мрежа“. Како што ме уверуваат моите новинарски извори, оваа технолошки добро опремена операција се изведува без знаење и на новото партиско раководство на ВМРО-ДПМНЕ, во кое старите кадри немаат доверба.

Мрежата, наводно, има за задача да воспостави макар неколкучлена информативна кадровска инфраструктура во секое министерство и во сите други државни органи и институции, составена од најлојалните партиски (ес-ес-)кадри на претходниот режим. Нивната задача е на дневна основа да „копаат“ и да доставуваат информации до својата централа за сите случувања во државните органи каде што работат. Во тоа спаѓаат снимање и фотокопирање на документи, дневни агенди, финансиски трансакции, разговори, состаноци, официјални преписки, средби, но и пикантерии за швалерации, коцкарски долгови, роднински перипетии, судири на интереси… Тие информации потоа аналитички се обработуваат во централата на Мрежата, а по потреба се „вкрстуваат“ со разновидните бази на податоци кои потекнуваат од долгогодишното владеење на Фамилијата со државата, вклучувајќи и чувствителни податоци од некогашните телефонски прислушувања и друг вид на следење на комуникациите.

На пример, веќе се формирани досиеја за одгледувањето на канабисот во „Анска Река“ и учеството на разни луѓе во тој бизнис; за обидите за рекетирања фирми во име на новата власт, а наводно за лична корист на самиот Заев; за формирањето нови фирми од градежништвото кои би учествувале на сè уште нераспишани тендери; за конфликтите на интереси во разни државни бироа и агенции; за однесувањето на некои градоначалници кои не можат да се воздржат од корумпирани активности; за работата на некои агенции за обезбедување; за работата на Царината и на Министерството за здравство; итн. Посебен аналитички напор се вложува во документирањето на секој детал од животот и работата на десетина семејства на функционери од власта, на чело, се разбира, со Заеви.

Еден дел од така обработените информации се доставуваат до неколку западни амбасади во Скопје, со цел постепено да се дезавуираат различни нивоа и позиции во власта на СДСМ, за да се покаже и докаже дека власта е корумпирана и дека не ја заслужува поддршката од меѓународната заедница.

Целата оваа прикаска за „Аналитичко-безбедноснава мрежа“, дури и вака опскурно раскажана, баш личи на нешто што би го смислиле оние ликовине околу Груевски, но тера на едно логично прашање: А зошто е толкав напорот операцијата да е тајна?! Зошто за „наодите“ на Мрежата – па и името звучи како перспективна невладина организација, помогната од Сорос – се информираат само неколку странски амбасади, а не и пошироката македонска јавност? Зошто доказите за корупција и злоупотреби, ако навистина ги има, се кријат од надлежните институции за истрага и прогон?

Претпоставувам дека одговорот на овие логични прашања делумно се крие во самата „природа“ на нашата револуционерна опозициска организација секогаш да биде импресионирана од потребата за некаква тајност, за „работа во тројки“ и за регрутирање доушници и кодоши; а делумно и во чекањето на вистинскиот политички момент кога објавувањето на поголемото количество дезавуирачки материјали за оваа власт би можело да го има истиот разорен ефект како „бомбите на Заев“ за минатата власт.

Е, тоа е таа студено сервирана одмазда по која копнее Фамилијата. Уууупс, се извинувам ако со овој текст малку им ја расипувам забавата…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...