Преквалификувањето на делото во случајот со малиот Алмир од убиство во тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, е направена повреда на основните начела на законот за јавно обвинителство, како што се начелата на законитост, непристрасност, објективност и заштита на слободите и правата на човекот, реагираат четворица јавни обвинители.
Реакцијата на обвинителите Ферат Елези, Башким Бесими, Џелал Бајрами и Исмаил Дардишта доаѓа откако вчера на рочиштето за завршните зборови во судот во Куманово, обвинителката направи преквалификација на делото во случајот што се води за смртта на четиригодишниот Алмир кој беше прегазен пред кумановскиот Здравствен дом. По овој пресврт, обвинетиот Бобан Илиќ излезе од притвор.
„Ние јавните обвинители во Јавното обвинителство на РМ уште од почетокот при реферирањето по овој случај во ЈОРМ сме имале став и остануване на тој став дека обвинителниот акт од 19.12.2016 кореспондира во целост со дејствијата на обвинетиот кој бил првично обвинет за кривичното дело убиство. Ваквиот наш стручен став е образложен и на одржаните колегиуми во ЈОРМ во врска со овој настан“, пишува во реакцијата на четворицата обвинители.